
Со доделување на наградите и со претставата „Вистината“ на Театар Комедија“ во чест на наградените, вечер во Прилеп ќе заврши 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој почна на 6 јуни.
Жири-комисијата во состав Нела Оташевиќ од Црна Гора, Лилија Абаџиева од Бугарија и Иван Меденица од Србија денеска напладне ќе соопшти која од претставите на македонските театри е најдобра на годинашново фестивалско издание.
Во трката за награди се девет претстави. Публиката ги виде: „12“ на МНТ, „Црно семе“ на Битолскиот театар, „Сите прекрасни нешта“ на Штипскиот, претставата „Ричард Трети“ на Албанскиот театар-Скопје, „Парови“ на Драмски театар-Скопје, „Бура“ на Прилепскиот театар, претставата „Рацин“ на Велешкиот театар, „Пар распар“ на Театар Комедија и претставата „Слепци“ на Турски театар-Скопје.
Синоќа, веднаш по одигрувањето на претставите на Театар Комедија и на Турскиот театар-Скопје, се одржаа и разговорите на тркалезната маса за овие претстави кои донесоа нови естетски и сценски доживувања за публиката која сите претстави на Фестивалот ги гледаше со огромно внимание и во полни сали.
Фестивалот годинава донесе и пет претстави во независната продукција, Детска зона, промоции, разговори меѓу режисерите, актерите и сите театарски дејци во „Драмолетање“, како и „Прилеп во фокусот“ преку „Музеј во движење“ за драмскиот автор Благоја Ристески Платнар и актерите Кирил Ристоски и Благоја Спиркоски Џумерко.
Годинашниов Фестивал се одржуваше под мотото „Смеј се и осмели се“. Свеченото затворање на Фестивалот е вечер од 20 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“.