Skip to main content

Во „Магаза“ ќе биде промовирана збирката теоретски есеи „Суспендирана итност“ од Ивана Хаџиевска

По промоцијата во Скопје, збирката теориски есеи „Суспендирана итност. Есеи од крајот на времето“ (2025, Илика) од Ивана Хаџиевска ќе се промовира и во Битола.

Настанот ќе се одржи на 27. септември, од 18:00 часот во културниот центар „Магаза“, а со авторката ќе разговара Елена Ристевска Лутовска. Во рамки на настанот публиката ќе има можност да се запознае и со работата на иницијативите „Контра библиотека“, „Контра кадар“ и „Пондер“.

„Суспендирана итност“ е збирка есеи кои Ивана Хаџиевска ги пишувала и ги објавила во периодот од 2014 до 2024 година. Тие се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија. Авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси кои фокусираат локално и глобално, но наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ja допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците.

Ивана Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала во областа на економската историја. Истражува во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање. Во изминатите десет години соработувала со многубројни домашни и интернационални истражувачки тимови и социјално-ангажирани колективи. Живее и работи во Битола.

Поврзани вести