
Во Театарот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ во Велес синоќа на годинашната добитника Оливера Ќорвезировска и беше врачено „Рациновото признание“ за 2025 година. Ќорвезироска ја доби наградата за делото „Три Марии“ во издание на „Арс Ламина“, а наградата се состои од плакета и паричен износ од илјада евра во денарска противвредност.

Обраќањето на Ќорвезировска беше насловено „Никогаш ништо не почнува од нас“.
Ние, нашите букви, нашите книжевни писма, нашите книги… сме само продолжетоци, нови фиданки на вековниот национален даб, на претходниците што создавале пред нас. Континуитетот е важен за јазикот, за книжевноста, за нас како народ и како засебна култура.
Честувањето на претходниците може да има различни форми. Една од тие форми се токму и Рациновите средби. Но чествувањето на претходниците, на Рацин и на великаните од македонската книжевна историја може да биде и хибридно, поинакво. Со спомнување, со употреба на нивните имиња, на нивните ликови, со вметнување на препознатливите стихови во нови книжевни дела…
Ми се чини мошне интересно, како еден вид чествување, антиципација или животна рима, како што велеше Конески, тоа што еден од ликовите во мојот роман „Три Марии“ потекнува од Велес, што друг лик се презива токму Солев,.. што насловот потсетува на „Две Марии“ на Славко Јаневски, што на задната корица ја има Оливера Николова… Со секој ред што ќе го напишеме чествуваме ред што бил напишан претходно; антиципираме ред што допрва ќе биде напишан во националната книжевност.
Никогаш ништо не е случајно.
Ниту тоа што во „Три Марии“ има три свадби, од кои едната е кумановска, од мојот роден крај, со китење на младоженецот со пари; втората е велешка, со „мавиле“ за младенците. (Третата свадба е скришна.)
Во градот на Рацин, вечерва „силно светнал ден“, рече таа.
Добитичка на почесното Рациново признание е проф. д-р Намита Субиото од Р. Словенија, вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија, каде што од 2004 ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика. Наградата „Почесно Рациново признание за 2025 “ ќе и биде доделена на 14 јуни во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес , а се состои од уметничка слика и плакета.
Проф. Илија Велев, претседателот на Комисијата за избор на Рациново признание за 2025, рече дека на конкурсот биле пријавени 22 новообјавени прозни дела, а во потесен избор влегле пет. За изборот одлучувале и членовите на комисијата: проф д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и м- р Игор Крајчев.

Прозното дело „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, кое текстолошки и структурно премостува три засебни повести за три Марии (Пребирлиева, Зара и Деспотовска-Солев) – фокусирајќи се во интерпартикуларната творечката поврзаност како краток роман (или „роман басма“, како што провокативно за читателите ќе го наведе самата авторка). Структуирањето на повеќеслојниот и динамичен творечки наратив во делото се устројува преку симболиката на бројот 3: карактеризирањата на личните доживувања кај трите Марии во трите повести експресивно да се произнесуваат со по три последователно нумерирани потпоглавја, појасни Велев.