Skip to main content

Во Драмски театар започна пробите за „Ифигенија за ништо“

Драмски театар Скопје

„Ифигенија за ништо“ е насловот на првата претстава што ансамблот на Драмски театар Скопје започна да ја подготвува во 2025 година.

Претставата „Ифигенија за ништо“ по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид, се работи со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Играат: Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Томислав Давидовски, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова-Бубања и Јована Миладинова.

Сценографијата ја подготвува Мартин Манев, костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска. Музиката во претставата е на композиторот Борис Харфман од Хрватска. Фотографијата е на Марко Марјановиќ. Инспициент на претставата е Жарко Намичев и суфлер Милка Анчевска.

Во драматуршката белешка режисерот Филип Петковски наведува:

„Претставата дава современ и постдрамски пресврт на приказната на Еврипид. Со поставување на наративот во современото општество во кое живееме се прави паралела помеѓу антиката и современото доба во кое живееме. Оваа адаптација се обидува да ја истакне безвременската природа на овие теми и нивната важност во денешниот свет“.

„Ифигенија за ништо“ е првата претстава што почнува со процесот на работа по објавувањето на Годишната програма за 2025 година. Премиерата е планирана за почетокот на април.

Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб страната на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.

Поврзани вести