Skip to main content

Во Драмски театар Скопје традиционално во септември „Денови на независната продукција“

Драмски театар Скопје отворањето на новата театарска сезона ќе го започне со проектот „Денови на независната продукција“. Со овој проект Драмски ја продолжува традицијата на поддршка на уметниците од независната сцена. Преку Јавен повик што утре ќе биде објавен на веб страната на Драмски театар и на социјалните мрежи, театарот ги повикува уметниците да аплицираат за термин за изведба на претстава во продукција на независната сцена. Јавниот повик е отворен до 1 септември 2025 година.

Деновите на претстави од независната продукција ќе се одржат од 9 до 19 септември  2025 година. По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на Јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање  на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.

               Со поддршката на независната сцена Драмски театар иницира создавање на силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. Проектот „Денови на независнта продукција“ е замислен како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти.

Публиката на Драмски театар од 9 до 19 септември  2025 година ќе ја има можноста да ги проследи и поддржи представите од поновата продукција на независната сцена кои со својата разновидност ќе го збогатат редовниот репертоар на Драмски.

Поврзани вести