
Во Драмски театар Скопје денеска се одржа првата проба за комплексниот предизвик што ќе се реализира согласно Годишната програма за работа на театарот. Станува збор на почнување на процеси на подготовки на диптих од претстави работени по текстовите, „Федра“ на Расин и „Федра“ на Сара Кејн во режија на Дино Мустафиќ, соопштија од Театарот.
Преставите се насловени „Федра“ и „Љубовта на Федра“.
Главниот лик Федра во двете претстави ги игра првенката на Драмски театар Скопје Јелена Жугиќ.
Во „Федра“ по Расин, освен Жугиќ, играат и: првенецот Дејан Лилиќ, Леонардо Лазов, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ и Трајанка Илиева Вељиќ.
Во претставата „Љубовта на Федра“ играат: Жугиќ, Александар Степанулески, Лазар Христов, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

Директорот Роберт Вељановски на денешната прва проба, што режисерот Мустафиќ ја организираше како средба на двете екипи што ќе ги подготвуваат двете одделни претстави му посака повторно добредојде на режисерот Дино Мустафиќ, кој веќе има работено со ансамблот на Драмски, но и во неколку други театри во Македонија.
Во наредниот период очекуваме две моќни претстави, гледајќи ја вашата желба за работа и истражување и задоволство што учествувате во еден проект што во себе содржи две претстави кои сочинуваат една целина, рече Вељановски.
Во појаснувањето на неговото режисерско читање Мустафиќ вели дека претставите настануваат како два самостојни репертоарни наслови, но и како диптих што ги поврзува класичната трагедија и современиот театар преку истиот мит за страста, вината и деструктивната љубов.
„Федра“ на Расин зборува за свет на силни морални и општествени норми, додека Сара Кејн прикажува време во кое исчезнале авторитетите, смислата и надежта. Поставувајќи ги овие две драми заедно, сакам да отворам дијалог меѓу епохите и да покажам како се променила трагедијата — од општество кое сè уште верува во поредок, до човек препуштен сам на себе. Претставите можат да функционираат одделно, но заедно создаваат едно сценско огледало на нашето време, вели Мустафиќ.
Во уметничкиот дел од екипата што ќе ги работат двете претстави, освен режисерот Дино Мустафиќ се: асистент на режија Димче Николовски, сценограф Драгутин Броз, костимографката Антонија Гугинска Јорданоска. Музиката е на Влатко Стефановски, а сценските движења на Филип Петковски.
Во претставата „Федра“ инспициент е Гоце Бојчев и суфлер Жаклина Цветковска., а во претставата „Љубовта на Федра“ инспициент е Жарко Намичев и суфлер е Милка Анчевска.
Денес со првата проба е започнат процесот на работа на двете претстави што ќе се работат паралелно и нивните премиери се очекуваат во септември.

Македонски


