Skip to main content
Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар на Солун

Вечерашниот концерт носи длабока симболика, среќен сум што можам да објавам дека повторно заедно ќе настапиме со Македонската и Софиската филхармонија во Солун на 30 јуни

Државниот симфониски оркестар на Солун ќе настапи вечерва во Македонската филхармонија. Настанот е дел од проектот „Активности за интернационализација на Државниот оркестар на Тесалоники“, кој е финансиран од Европската унија, а во пресрет на концертот разговаравме со директорот Симос Папанас.

Државниот симфониски оркестар од Солун за првпат ќе настапи во салата на Филхармонија. Гостувањето на овој оркестар во Скопје доаѓа по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската Филхармонија во Софија, каде на 17 февруари се реализираше изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Присуствував на концертот во Софија и звучеше величенствено. Што ќе се изведе на концертот во Скопје?

Исклучително сме среќни што сме овде во Скопје за прв пат во историјата. Нашиот оркестар ќе претстави програма со која се прославуваат 150 години од раѓањето на Морис Равел, но и се истражува врската помеѓу музиката на Равел и музиката на неговиот ученик Емилиос Риадис. Риадис е роден во Солун во 1880 година и студирал и во Минхен и во Париз, пред да се врати дома да предава на новоформираниот Државен конзерваториум во Солун. Сметам дека неговиот случај е од особен интерес во историјата на музиката на нашите простори: за време на отоманското време, западната класична музика не била особено распространета, па затоа, особено ретки биле композиторите со висок квалитет. Во таа смисла, музиката на Риадис е особено драгоцена и ние сме многу горди што за прв пат ја претставуваме пред јавноста во Cеверна Македонија

Во Солун, во октомври минатата година, со г-дин Најден Тодоров, директор на Софискатата филхармонија и тогашниот директор на Филхармонија, Александар Котевски беше договорено концертот после Софија  да се повтори и кај нас и во Грција. Дали ќе дојде до такво нешто?

Среќен сум што можам да објавам дека концертот ќе се одржи во Солун на 30-ти јуни! Од концертот во Софија, имаме повеќе повици и пораки од членовите на нашата публика со барање за презентација на монументалниот концерт на три оркестари во Солун. Така, ќе го имаме и првото гостување на Филхармонијата на Република Cеверна Македонија во Солун. Со големо нетрпение го очекуваме тоа! Како што сум сигурен дека веќе сте биле сведоци во Софија, овој настан, надвор од својата музичка суштина, е и политичка и социјална изјава. Како музичари, ние ја носиме должноста да ги поврзуваме луѓето и културите: тоа е самата природа на нашата уметност. Трите оркестри заедно испраќаат порака дека сакаме иднина во пријателство и соработка и оваа порака дефинитивно е примена.

Во меѓувреме бил договорен настапот на Солунската филхармонија во Скопје, како и  концерт на Македонската филхармонија во Солун, кој треба да се реализира кон крајот на јуни. Како течат подготовките за тој настап?

Филхармонијата на Cеверна Македонија моментално доаѓа на јунскиот концерт. Концерт на оркестарот сам во Солун сè уште не е планиран, но како што се продлабочува нашата соработка, верувам дека е само прашање на време кога ќе се случи и тоа и дефинитивно тоа е наша намера. Мораме да ги составиме нашите комплицирани распореди, планови и буџети и да го најдеме вистинското време и начин!

Како солисти на концертот  ќе настапат Симон Трпчески, пијанист со блескава меѓународна кариера и сопранистката Мирто Папатанасиу. Како дојде до оваа соработка?

Овој концерт ни носи длабока симболика: како што веќе беше споменато, првпат во 65-годишната историја на нашиот оркестар настапуваме овде во Скопје. Скопје е најблискиот голем град до Солун, а тоа што никогаш не сме биле тука, исто така, укажува на нешто што погрешивме овде на Балканот. Можете ли да замислите две централноевропски метрополи на растојание од 250 километри, каде оркестарот на секој град никогаш не го посетил другиот? За тоа, горд сум што ја споделувам истата визија со Симон Трпчески, врвен уметник од светска класа, но и визионер, а чест ми е да кажам, пријател. Чувствувам дека е важно сите да знаат дека приказната за нашата продлабочена врска започна со него пред околу 3 години. Додека беше во посета на Солун, ги виде нашите канцеларии, се качи на катот и со понизност ретка за калибарот на овој уметник рече: „Јас сум Симон Трпчески, свирам со оркестри низ целиот свет и никогаш не сум свирел овде, што е до мојот дом“. Вака настана неговиот прв солистички концерт со нашиот оркестар, кој беше огромен успех! Имавме целосно распродаден концерт, Симон беше прегрнат од нашите музичари и публиката, а десетици луѓе од Cеверна Македонија се спуштија до Солун за да се спојат со нашата публика и да уживаат во концертот. Тоа беше доказ за тоа колкав потенцијал постои кога сме во контакт и кога соработуваме, исто така колку ни недостасуваше со тоа што не го правевме сите овие претходни години. По овој настан, дојдов во Скопје да го посетам. Тој ме запозна со прекрасните колеги од Филхармонијата на Република Cеверна Македонија и оттогаш ја поставивме основата за оваа соработка. Поради оваа причина, фактот што Симон е солист на нашиот прв концерт во Скопје – заедно со познатата грчка сопранистка Мирто Папатанасиу – е и симболичен и природен.

разговараше: Невена Поповска

Поврзани вести