Skip to main content

Утре во „Буква“ промоција на новата стихозбирка на Андреј Медиќ Лазаревски

Утре (26.9.) во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 21 часот ќе се одржи промоцијата на новата стихозбирка на поетот Андреј Медиќ Лазаревски, „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“.

Промоцијата се случува во рамки на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ во организација на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“. Промотори ќе бидат Калина Качоровска и Стефан Спасовски, уредници од „Култура Бета“.

Стефан Спасовски во кусиот осврт за книгата ќе каже: Читајќи ги овие песни, лесно се навраќаме низ историјата на книжевноста. Медиќ Лазаревски усетно комуницира со поезијата на Цара, Гинзберг, Конески, Шопов, Дирјан, Џепароски, Ќулавкова, но и директно со нив, создавајќи стихови кои, веројатно, би се читале и на надреалистичките кружоци во Париз. Често поаѓајќи од вистински настани и од ликови кои нѐ опкружуваат се истакнува ангажираноста, современите и вечни прашања и теми, преку кои доловува свет во кој иронијата ја има Сократовата задача – да се дојде до посакуваниот одговор или, можеби, посакуваниот свет за живеење. Во овие стихови сето маргинализирано е ставено во центар, па не е чудно и да се запрашаме: Каде се наоѓаме?

Андреј Медиќ Лазаревски / Фото: Култура Бета

Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по философија на Филозофскиот факултет и моментално студент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Тој е автор на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата Песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – второ, променето и дополнето издание, ПНВ Публикации) и на еден е-буклет „Црно под ноктите“ (2024, Култура Бета). Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, фестивалски координатор на Филозофскиот филмски фестивал, член на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал и дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“. Главен уредник е на списанието на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, „In medias res“, и на списанието за општа култура „Тригер“ на „Култура Бета“.

неговата поезија е преведена на спрски, хрватски и англиски и застапена во домашната и странска периодика, како и во неколку нтологии. Во 2024 година ја добива наградата „Енхалон“ од Струшките вечери на поезијата

Поврзани вести