Skip to main content

УГД со продукции на Скопје танцов театар 2 вечерва настапува во Братислава

Во рамките на Интернационалниот фестивал „Share“ во Братислава, Словачка, вечерва ќе настапат студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ со продукции на Скопје танцовиот театар 2, во рамки на програмата на театарот за 2026 под наслов „Современи кореографи“.

Претставата ќе се одржи во рамки на изведувачката програма на фестивалот, на сцената „Театар – ЛАБ“ на Академијата за изведувачки уметности во Братислава, а ќе бидат изведени две кореографии, продукции на Скопје танцов театар 2: „Трендинг апокалипса“ (фрагмент), на кореографката Адријана Данчевска Ровчанин, и кореографијата „Сè уште гледам“ на италијанската кореографка Џилда Цесарио, која беше гостин кореограф на Скопје танцовиот театар. Ќе настапат: Надја Луканова, Нина Петрушевска, Ивона Маневска, Елена Терзиева, Теона Ѓуровска, Михалеа Колцунова, Миа Петровиќ и Марија Андовска, дипломци на УГД.

Во рамки на фестивалот проф. д-р Рисима Рисимкин вчера го презентираше трудот „Современиот танц и нови технологии“, а денеска своја презенатција под наслов „Ритамот како кореографски генератор: Композиција на движење преку енергијата на рејв културата“ ќе има доцент Адријана Данчевска Ровчанин, актуелна деканка на Катедрата за современ танц при УГД.

Интернационалниот фестивалот на танцови универзитети „Share“ се оддржува од 9-13 јуни 2026, по шести пат во Братислава, Словачка, како платформа на повеќе европски танцови академии и универзитети, и тоа: „Академијата за изведувачки уметности“ во Братислава, Словачка; „Антон Брукнер“ универзитетот од Линц и „Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена“ од Австрија; Литванската „Академија за музика и театар“; Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; „Колеџот за циркуска уметност и современ танц“ од Будимпешта, Унгарија; „Академијата за изведувачки уметности“ од Прага, Република Чешка и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Македонија. Огромен број млади уметници, студенти и професори деновиве ги споделуваат своите искуства низ работилници и вечерни програми. Фестивалот „Share“ се формираше во 2017 година, кога за прв пат се одржа во Братислава, Словачка, со цел да се постави платформа за соработка на млади европски современи танчери. Во Братислава фестивалот се одржува секоја втора година, а во 2018 година, второто издание на „Share“ се одржа во рамки на „Танц Фест“ во Скопје и Штип, со учество на преку сто млади уметници и професори. Од фестивалот произлегуваат голем број на соработки, меѓу кои е и проектот „Споделување танцови практики“ на Ceepus програмата, кој се одржува во 2025-26, а ќе продолжи и во сезоната 2026-27 и кој овозможува поголема мобилност на студенти на повеќе европски танцови академии и универзитети, меѓу кои партнер во програмата е и Катедрата за современ танц при УГД.

Поврзани вести