Skip to main content

Театарот „Сенки и облаци“ гостуваше во Софија со претставата „Свадби на животни и нешта“

Во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија беше прикажана претставата за деца „Свадби на животни и нешта“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје. Претставата е создадена според истоимената книга на Раја и Георги Господинови.

Таа е приказна за невидливиот живот на предметите околу нас, за фантазиите во доцните попладневни часови, кога и малите и постарите се подготвени да смислуваат игри. Што би се случило ако… се спојат кауч и крокодил, желка и шкаф, книга и сладолед, камила и чајник? Некои би рекле „чао и збогум“, други би посакале да создаваат мушички за жива ограда, кроко-каучи и камилочајничиња, кои мирисаат на камилица и мед. Приказна што повикува: „Ајде, сега тебе ти е редот“.

Во креативниот тим на претставата се: Катерина Стефановска – актерка, Александра Стојановска – актерка, Дарко Богески – актер, Круме Стефановски – актер и музичар, Благородна Коцева Симјанов – дизајн на кукли, Ивона Ѓорѓиовска – дизајн на постер.

„Сенки и облаци“ е театар на сенки од Скопје, Македонија, и е пионер со сенки повеќе од 15 години. Работата главно е фокусирана на промоција на театарот на сенки како уметничка форма и неговата висока културна вредност, како и употреба на театарот на сенки како неконвенционална креативна и едукативна алатка за општествени теми.

Нашиот театарски простор во срцето на Дебар Маало работи како културен центар со публика од 30 луѓе. Имаме задоволство да бидеме домаќини на различни културни настани – промоции на книги, џем-сесии, монодрами, пантомима, куклени претстави, работилници, танц, изложби на фотографии, попап-продавници, а истовремено им го нудиме нашиот простор на независни културни работници преку резиденцијални програми. Еден од нашите најдраги проекти е меѓународниот фестивал на театар на сенки за деца „Сонот на облачето“ со своите десет изданија, како единствен фестивал на театарот на сенки во Југоисточна Европа. Тимот на „Сенки и облаци“ се состои од актери, режисери, музичари, раскажувачи, едукатори, визуелни уметници, фотографи и сè помеѓу – велат од театарот.

Поврзани вести