
Швајцарската федерална разузнавачка служба денеска објави досие од 200 страници за озлогласениот нацистички воен злосторник Јозеф Менгеле, германски лекар познат како „Ангел на смртта“ поради спроведување ужасни медицински експерименти врз затвореници во Аушвиц.
За време на Втората светска војна, Менгеле служел во концентрациониот логор Аушвиц во окупирана Полска, каде што биле убиени околу 1,1 милион луѓе, од кои околу еден милион биле Евреи. Тој станал озлогласен поради спроведувањето брутални медицински експерименти врз затворениците, вклучувајќи деца, под изговор за научни истражувања.
По војната, Менгеле добил патна справа од Црвениот крст под лажно име, што му овозможило да ја напушти Европа. Како и многу поранешни нацистички функционери, тој поминал години криејќи се во Латинска Америка додека меѓународната заедница го барала за неговите злосторства. Починал во 1979 година откако се удавил во бразилската држава Сао Паоло.
Документите објавени од швајцарските власти содржат материјал доставен до полицијата што укажува дека Менгеле можеби се вратил во Швајцарија откако првично избегал од Германија или дека планирал да влезе во земјата под лажно име, пренесува ДПА.
Историчарите кои сакаа да утврдат дали Менгеле бил во Швајцарија додека бил баран без да биде фатен од швајцарските власти, долго време бараа пристап до овие досиеја.
Швајцарските власти претходно инсистираа документите да останат затворени за јавноста до 2071 година од безбедносни причини и за заштита на лицата споменати во нив.
Историчарот Жерард Ветштајн успешно ги оспори ограничувањата во Федералниот административен суд, што доведе до објавување на документите на Интернет. Одредени делови се цензурирани за да се заштити изворот и личните податоци на трети страни, објавија властите.
Досието е составено од полициската служба на федералното обвинителство, претходник на денешните швајцарски федерални разузнавачки служби, а во 2001 година е предадено на Федералниот архив.
MИА

Македонски


