Публиката задоволна, артистите мотивирани, а 75-годишниот јубилеј на Националниот ансамбл за народни игри и песни – Танец, вечерва во Скопје достоинствено беше одбележан со концертот „75 години Македонски код“ кој се одржа во Националната опера и балет.
Како што најавија, тоа и го потврди Танец за публиката приреди спектакуларно патување низ богатата фолклорна традиција на Македонија, со музичко-сценски бисери и традиционалноте ора како „Тешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Џамала“ и многу други, изведени од уметниците на ансамблот.
Оваа институција не е само ансамбл, туку вистински чувар на нашата традиција и идентитет. Секој танец и песна се одраз на нашата историја, нашите радости и болки, и секогаш нè поврзуваат со корените од кои потекнуваме. Синоќа во Македонската опера и балет не се одржа само концерт, туку и патување низ времето, исполнето со емоции и гордост за тоа што сме.
Се надевам на понатамошен растеж на ансамблот, и би сакал да го изразам моето уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност но и иднина, рече министерот Зоран Љутков.
Ансамблот Танец е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура.