
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ќе ја отвори студентската изложба „Мало и моќно – Големото влијание на уметноста од мал формат“, во Галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан.
Како се наведува во соопштението, изложбата претставува долгогодишен проект на Факултетот за ликовни уметности, кој се одржува континуирано од 1990-тите години, а е посветен на истражување на односот меѓу форматот и идејата, како и дисциплината и слободата на уметничкиот израз.
На изложбата ќе бидат претставени дела на студенти од сите четири години на Катедрата по графика и трансмедиумски практики, како и студенти од вториот циклус на студии на истата катедра. Преку класични и експериментални графички техники, посетителите ќе можат да се запознаат со различни уметнички пристапи, лични поетики и креативни истражувања на младите автори, велат од ФЛУ.
Како што се наведува, малиот формат не е ограничување, туку творечки предизвик што ги обединува процесите на учење, експериментирање и индивидуално изразување. Изложбата има за цел да ги афирмира изразните потенцијали на малиот формат во современата ликовна практика и да покаже дека токму во малото често се крие најголемото влијание.
Изложбата ќе биде отворена за посетители секој работен ден од 8 до 17 часот, до 15 февруари 2026 година, и е од продажен карактер. Организаторите информираат дека проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Македонски






