Skip to main content

Стихови од Никола Маџиров објавени на француски јазик во едно од најстарите европски списанија за литература „Европа“

Стихови од Никола Маџиров се објавени на француски јазик во едно од најстарите европски списанија за литература „Европа“ (Europe), основано во Франција во 1923 година под покровителство на нобеловецот Ромен Ролан. Циклус од шест песни именуван како „Сенките нѐ одминуваат“ се појавија во 1.165-от број на списанието „Европа“, посветен на англиската прозаистка Џејн Остин. Низ долгата историја на списанието, како уредници и главни двигатели се јавувале Пол Елијар, Луј Арагон, Елза Триоле и други француски автори.

Во кусиот осврт за творештвото на Маџиров во списанието се вели дека „неговата поезија е пасош за надминување на егзилот и војната — ментална картографија на Европа препуштена на сопствените противречности. Во вдлабнатините на неговите дланки и песни, Маџиров ни доверува семантички и политички компас, преку кој се помируваме со домот што никогаш не сме го напуштиле, а никогаш не сме го досегнале — еден свет кој е едновремено и нов и праисториски. Инспириран од пишувањето и мислата на Васко Попа, Чеслав Милош и Збигњев Херберт, Никола Маџиров се наметнува како еден од големите гласови на современата поезија. Неговата поезија е преведена на повеќе од четириесет јазици и добитник е на бројни книжевни награди.“

Освен прекинот за време на Втората светска војна, списанието „Европа“ излегува непрекинато до денес веќе 103 години. Писателите објавувани во текот на 1923 година, како Тагоре, Максим Горки, Макс Жакоб или Вирџинија Вулф, се симболи на духот на отвореност на списанието. Во првите години по основањето обележани со Шпанската граѓанска војна и со подемот на фашизмот, во списанието можат да се прочитаат автори со најразлични поетики и определби, како што се Вилијам Фокнер, Валтер Бенјамин, Филип Супо, Тристан Цара, Анри Мишо, Пол Елијар…

Во првиот број на списанието „Европа“ објавен во февруари 1923 година е запишано: „Денес велиме Европа затоа што нашиот голем полуостров, меѓу Истокот и Новиот свет, е раскрсница на која се среќаваат цивилизациите. Важно е да научиме да гледаме повисоко од сите интереси, страсти и себичности на поединците и на етничките групи. Не може да постои победа што човекот ја извојувал над човекот. А единствените трајни освојувања се оние што ја засегаат целокупноста на човечките битија… Европа за нас е само една етапа — нашата цел е човештвото.“

Препевот на песните на Никола Маџиров на француски јазик е дело на француската преведувачка Жули Нис.

Поврзани вести