
На 2.09.2026г. /среда/ од 20.00 часот на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концерт на Драган и Ратко Даутовски. Влезот е слободен. Концертот е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Податоци за изведувачите:
Проф. д-р Драган Даутовски е роден на 21.11.1957 година во с.Русиново.Потекнува од работничко семејство, кое на негова петгодишна возраст се преселува во Берово, каде што го завршува основното образование. Средно музичко училиште учи во Штип, за веднаш по звршувањето да се запише на Факултетот за Музичка уметност во Скопје, отсек музичка теорија и педагогија. За време на студиите пројавува голем интерес за Македонскиот музички фолклор, а веднаш по дипломирањето се вработува како професор по музичка култура. Како резултат на неговата работа на полето на фолклорот настанува детското фолклорно студио “Детелинки”, кое едно време активно работи и во ансамблот “Танец”. Во 1992 год. го оформува ансамболт од народни инструменти “Миле Коларовски” со кој настапува на голем број фестивали и манифестации во земјата и надвор од неа. Со неговата работата со овој ансабл и пошироко на полето на фолклорот, отпочнува големата ренесанса на изворната музика во Р. Македонија. Даутовски учествува во голем број проекти. Партиципира во изработката на музиката за филмот “Пред дождот”, значаен е неговиот авторски проект “DDSynthesis”,пишува музика за театарски претстави (“Македонска приказна”, ”Јонадаб”, ”Писание”,Зверињак” и др.), музика за кореографски постановки во ансаблот “Танец” (“Џамала” и “Старо тешко”).Музика за Филм (“Ноќ спроти Василица”). Неговиот творечки опус изнесува над 600-тини композиции. Последната деценија со неговиот квартет е неуморен промотор на Македонската музичка култура на бројни фестивалски сцени насекаде во светот: Холандија, Русија, Италија, Франција, Португалија, Германија, Полска, Белгија, Грција, Црна гора, Словенија, Бугарија, Франција, Австрија, Африка, Куба, Украина, Америка, Кина и др. Во својата долгогодишна кариера проф. д-р Драган Даутовски настапувал и со голем број музичари и аасамбли од целиот свет.
Д-р Драган Даутовски е редовен професор на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, каде што предава народни инструменти, музички фолклор и изведувачка техника на орфов и народен инструментариум. Како педагог во изминатите години има остварено голем број настапи со студентите од неговата класа и иницијатор е за отварање на отсек за народни инструменти во средните музички училишта во Скопје и Штип и во основните музички ушилишта во Струмица, Штип, Прилеп, Кавадарци, каде што предаваат професори дипломирани во неговата класа. Се поголемиот интерес кај студентите за овој отсек, говори дека проф. Даутовски во изминативе 25 години на педагошки и уметнички план, мошне успешно ја актуелизира и промовира уметничката вредност на македонскиот фолклор.
Научни трудови и истражувања : ”Формално-ритмичките карактеристики на изворната песна Маце Мариче”, ”Орнаментите во традиционалната музика во Р.Македонија”, ”Тамбурата во Македонија”, ”Кавалот во Македонија”-магистерска тема. “Топчестата глинена флејта од Македонија, праисториски музички инструмент”-докторска дисертација.
****
Ратко Дaутовски, rоден 05.12.1981 година во Скопје е еден од најдобрите и најактивните македонски перкусионисти, познат по неговата изградена естетика, богат репертоар и изведувачка техника. Како музичар, уште од најрана возраст целосно е посветен на истражувањето на богатата мело-ритмичка структура пред се на Македонската традиционална музика, но и богатството од ритми кои се белег на светското културно наследство. Неговите родители кои се професионални музичари го охрабруваат и имат голем придонес за рагањето на неговата страст кон музиката. Ратко го започнува своето музичко образование на возраст од седум години во Музичко- балетскиот училишен центар “Илија Николовски Луј”, (1988-1999) и продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек традиционални инструменти и музичка теорија и педагогија. Покрај редовното музичко образование тој добива континуирана обука од неговиот татко проф. д-р Драган Даутовски, кој се смета за важна фигура на македонската и балканската музичка сцена. Ратко Даутовски од 1999год. е редовен член на Драган Даутовски квартет, една од најдобрите и интернационално признати групи.
Има настапувано во Холандија, Германија, Португалија, Израел, Русија, Полска, Турција, Украина, Шведска, Австралија, Белгија, Црна Гора, Грција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Велика Британија и т.н.
Денес соработува со многу светски музичари, ансамбли, а како автор и изведувач учествува и во голем број театарски и филмски проекти во Македонија и надвор од неа.
Ратко Даутовски е редовно вработен како музичар-изведувач во оркестарот при НУ “Танец”,а од 2023 е редовен член на интернационално реномираниот “Васил Хаџиманов Бенд“.

Македонски

