
Академијата на американските поети ја објави песната „Тишината од други места доаѓа“ од Никола Маџиров како песна на денот. Стиховите на Маџиров може да се најдат на нивната страница poets.org објавени во превод на англиски јазик, како и во оригинал на македонски, а објавата содржи и аудио снимки со гласот на поетот на македонски и англиски јазик, како и кус есеј за песната.
Академијата на американските поети објавува само претходно непубликувани песни на англиски јазик и ги дистрибуира до стотиците илјади претплатници. Претходниот ден беше објавена песната „Попладне“ на Еуџенио Монтале, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата и на Нобеловата награда за литература, а изминатите денови беа објавени и песни на Роберт Фрост, Сезар Ваљехо, Тарик Ал-Араби, Људмила Керонска, Роберт Луис Стивенсон, Оушн Вуонг, Вилијам Карлос Вилијамс и др.
Ова е втора објава на Никола Маџиров од Академијата на американските поети. Прв пат беше објавена неговата песна „По нас“ на англиски јазик во 2011 година.
ТИШИНАТА ОД ДРУГИ МЕСТА ДОАЃА
Кога навечер ќе го чујам гласот на мојата мртва мајка,
повикувам елени во својата соба —
оние кои никогаш не прозбориле,
a ги разбираат сите јазици на стравот.
Ќе ги поканам во дворот на тивките промени
и ќе ги прашам за гревовите на неродените,
за далечината помеѓу крвта
на двајца непријатели по војната.
Ќе ги замолам да ја закатанчат тишината —
тајната на отворените очи.

Македонски


