Skip to main content

Со „Скопје 2014…и потоа“ се обидов на направам псохолошко-социолошки портрет на Скопје ама и на скопјани, рече Златко Теодосиевски

Во Културно информативниот центар-Скопје денеска беше промовирана книгата „Скопје 2014…и потоа“ на Златко Теодосиевски- историчар на уметност, критичар и публицист.

Оваа книга е пишувана 10 години. Не буквално, напишана е за многу кратко време, но во неа се содржани десетгодишни текстови, материјали, истражувања, труд…Сакав да извлечам еден сублимат на овие последни 10 години, на некои работи што сум ги пишувал, а особено работи кои се трупаа молчаливо по 2017 година, кога политичката елита која дојде на власт дојде на крилјата против проектор „Скопје 2014“ и ветувањето што ќе нарават, а не направија ништо….Јас на политичарите одамна не им верувам, но ме зачуди целата групација од „Шарена револуција“ која се возеше на „Скопје 2014“ и потоа како со нож пресечено престана да говори воопшто за проектот. Дали нивните протести беа однапред договарани? Иницирани, а и платени ако сакате? Како тоа одеднаш престана да им пречи споменикот на Александар…како се да си дојде на место кога седна новата политичка елита во Собранието и во Владата. Се обидов на направам псохолошко-социолошки портрет на Скопје ама и на скопјани, рече авторот Златко Теодосиевски и подвлече дека проектот остава траен белего врз знаењето на младите генерации.

Теодосиевски е автор на повеќе книги од областа на ликовната уметност и културата („Илија Кочовски – сликар на тишината“, „Жарко Јакимовски, монографија“, „Сашо Саздовски, монографија“, „Пандора Саздовска, монографија“„(Само)заробена култура“, „Време на изгубени илузии“, „Пролегомена за македонската фотографија, том 1-4 и др.)

Во 2024 година се навршија полни десет години од „проектот“ со славно име „Скопје 2014“, а изминуваат безмалку еднакво толку години и од времето на т.н. „Шарена револуција“ којашто, меѓу другото, инсистираше на конечна разврска со овој „проект“, особено заради неговата анахроност, хаотичност, криминогеност, противзаконска позадина, неговата анти-историчност и квазиестетичност итн. Спомнатите години едновремено сведочат и на приближно толку долгиот период од ветувањата на една политичка партија дека го разбира народниот гнев против „Скопје 2014“ и дека дефинитивно ќе расчисти со „проектот“. Меѓутоа, минуваа години а ништо не се промени! „Скопје 2014“ се покажа – неуништиво! Затоа и во продолжението на насловот на книгата, во форма на некаков поднаслов, стои она „… и потоа“ бидејќи за овој „проект“ во јавноста се создаде мислење дека е само инцидент со краток век во поновата македонска историја, дека тоа „Скопје 2014“ е само негова мртва рожба… итн. Но, времето нѐ демантираше: тоа „Скопје 2014“ продолжи да трае до денес! И, по сѐ изгледа, ќе трае и понатаму бидејќи во Македонија очигледно нема политичка сила и интелектуален капацитет што соодветно би се справиле со него! Без оглед што во изминатите години за овој „проект“ беа испишани многу страници и изречени доволен број квалификувани судови – речиси по правило негативни – „Скопје 2014“ остана да служи за потсмев не само во домашната туку и во меѓународната јавност., стои во најавата за промоција на книгата за која говореа проф. Никос Чаусидис и новинарот Гранко Героски.

Професорот Никос Чаусидис рече дека ги употребил сите негови методолошки оружја како историчар на уметноста и археолог за да ја најде смислата на проектот.

Дали Скопје 2014 ни се случило или тоа сме ние. Бидејќи сум археолог, и како човек кој се занимава со милениуми ќе речам-ни се провлекуваат исти работи низ историјата. Тоа значи дека тоа не ни се случува-тоа сме ние, истакна Чаусидис потсетувајќи дека и претходниот проект на Кензо Танге бил наметнат, исто така бил критикуван и праша: Дали скопјани ги праша дали сакаат брутализам и Градски ѕид?

Се разбира, подвлече Чаусидис, двата проекти не можат да се мерат, првиот беше проект! Зад него стоеше идеологија и врвни квалитети и меѓународен одност и контекстуалност, концизност апсолутно.

Дали Скопје 2014 е инцидент, т.е. склоп на случајности или нужност? праша Чаусидис и продолжи: Изгледа дека е нужност, бидејќи гледаме дека од она масовно незадоволство и покрај огромните ветувања, и не само тоа, буквално услов за да влезат на власт имаа „новите“ и што од сето тоа? Ништо. И на крајот ќе речам дали нас ни требаат комшии, непријатели за да го уништат културното наследство или сами ќе го уништиме? Скопје 2014 е огледало на нашата суштина како народ, заврши Чаусидис.

Геровски своето излагање го започна со цитатот: Ова наше Скопје имало доволно историски шанси да се издигне од пепелот, да се лоцира на светските градителски мапи како препознатлив топос. И речиси сите шанси неповратно ги прокоцка.

Книгата на Теодосиевски неизбежно провоцира расправа за една стара дилема којашто мене ме измачуваше и во годините кога во главата на Никола Груевски се роди идејата за менување на ликот на метрополата, а ме измачува и денес, рече геровски посочувајќи дека од почетокот на независноста на Македонија до појавата на градителската опсесија на Никола Груевски во Скопје не беше изграден речиси ниту еден позначаен јавен објект.

Градот немаше плоштад во вистинска смисла на зборот, немаше сообраќајници за проток на возила, ГТЦ и јас го гушкав и го спасивме од барокот, но еве пропаѓа и денеска, Универзалната сала се спаси од проектот „Јајце“ но продолжи да пропаѓа и на крајот изгоре, зградите на ЕСМ и на „Пелагонија“ до денес се без никаква фасада, рече Героски и праша имаа ли моќ тогашните активисти да се спротивстават на овој проект? Зошто тогаш никој не се сети да распише меѓународен конкурс за модерно идејно архитектонско решение за централното градско подрачје што ќе му конкурираше на овој проект? До денес немам одговор на овие прашања.

Героски подвлече дека факт е дека зградата на Владата која во протестите беше нарекувана „ружна“, по скопски, на новите властодржци им стана удобна и убава. Им се виде убава.

Страхувам дека нашите потомци веќе индиферентно се навикнуваат на овој лик на градот, а можеби дури и веќе им се допаѓаат, но уште потажно е кога ќе не прашаат за нашите лендмаркови, а ние ќе им кажеме за „Кенан“, Корзото со коцката, „Чичко Стоилко“, „Ванила“…

Поврзани вести