
Театар Комедија има обновено гледалиште со 305 нови столчиња за публиката и нов ПВЦ-под. Реновирањето овозможено и со донација на Република Полска почна пред 20-ина дена и чини околу 9 милиони денари.
Тие столови имаа историја од шеесетина години, носеа некоја емоција и традиција, но, сепак, веќе беа нефункционални и имаше поплаки од публиката. Им благодарам на Полската амбасада и амбасадоот Мариуш за помошта и донацијата што ја дадоа за поддршка на овој проект, кој чини околу 9 милиони денари. Министерството за култура и туризам го поддржа со околу 5,3 милиони денари проектот за реновирање на салата т.е. менување на столовите и на подот, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

По посетата на салата во театарот, заедно со амбасадорот на Полска Мариуш Бримора, министерот посочи дека и во иднина ќе има инвестиции за Театар Комедија кој е, рече, еден од најпосетените театри во Македонија. За следната година е во план реновирање на гардеробите и менување на осветлувањето и на самата сцена.
Документ за завршениот проект со поддршка од Полска потпишаа полскиот амбасадор Мариуш Бримора и директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов.

Бримора кажа дека поддршката е една од поважните активности на дипломатијата на Полска во многу региони во светот која го вклучува и Западен Балкан. Тој ги покани гледачите да ја проследат првата претстава во новото гледалиште овој петок – македонска премиера на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ по текст од полскиот писател Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска.
Амбасадите на Полска во регионот спроведуваат многу проекти секоја година. И ова е пример за поддршка на Полска во проект што успешно го завршивме со Театар Комедија во Скопје. Тоа беше совршено партнерство и сум многу задоволен од резултатот. Им благодарам на директорот и на министерот за култура за поддршката на нашиот проект со кој претставуваме нова опрема за публиката во театарот. Првата прилика таа да се проба е в петок вечер кога ќе биде изведена македонска премиера на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ од полскиот автор Витолд Гомбрович, истакна Бримора и додаде дека ваквите партнерски проекти ќе продолжат и во иднина.
Театар Комедија е отворен во ноември 2011 година и е меѓу најпосетуваните театри во државава. Во 14-те години поставени се над 50 премиери, во оваа година имале осум. „Ивона, принцезата на Бургунд“ на 28 ноември ќе биде нивната деветта премиера во 2025-та, а сезоната ќе ја заокружат со десетта премиера – „Ана“ во режија на Нина Николиќ. Годишно Театар Комедија има околу 120 изведби со приближно 33 000 гледачи.

Ансамблот на Театар Комедија сцената ја дели со нивните колеги од Турски театар-Скопје кои чекаат да се вселат во новиот објект кој веќе една деценија е во изградба.
Според министерот Љутков, отворањето на Турскиот театар-Скопје се очекува на крајот на 2026 или почетокот на 2027 година.
За таа зграда процесот беше запрен околу пет-шест години. Во 2023 година почна да се става фасадата, сега работиме со многу забрзано темпо за да го завршиме. Се работи третата, псоледната фаза – ентериерното уредување и сценската технологија која оди малку побрзо. Сè зависи од временските услови и од динамиката, би требало да биде готов до крајот на 2026 или почетокот на 2027 кога и Турскиот театар ќе се пресели во нова зграда, рече Љутков одговарајќи на новинарско прашање.

Македонски








