
Во „Бело се пере на 90“ се занимаваме со микрокосмосот на едно семејство кое по многу нешта не се разликува од другите фамилии на овие простори, кажа денеска на прес-конфренцијата српската актерка Аница Добра, која е во Скопје, каде што синоќа, на 8 декември, во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ премиерно беше прикажан филмот чиј режисер е Марко Набершник.
Филмот е сниман по книгата на Броња Жакељ, „Бело се пере на 90“, а Небрешник и Жакељ се автори на сценариото за филмот.
На денешната прес-конференцијата зборуваа копродуцентот од Македонија, Томи Салковски од продукцијата „Црна Мачка“, продуцентот од Словенија, Алеш Павлин, словенечката актерка Леа Цок која ја игра улогата на Броња и Аница Добра која ја толкува Дада, бабата на Броња во филмот.
Ние не се трудевме да направиме спектакл, ние немаме ни пари, ни искуство за такво нешто, а немаме ни потреба да се натпреваруваме со некои спектакли, но овој филм во Словенија победи еден спектакл, „Зутропија“. Можеби нашите луѓе се желни за некои други теми. Ние се занимавме со микрокосмосот на едно семејство кое по многу нешта не се разликува од другите фамилии на овие простори. Приказната, колку што е обична, толку е искрена и силна. Низ мали работи, како неделен ручек, разговори за временска прогноза, спорт, политика, кој како си ги додава чиниите за јадење, се открива еден многу длабок свет. Мојот лик, Дада, таа ги чува работите во себе, бидејќи ако ги каже, ќе предизвика голем потрес, како одрон на карпа во планина. Таа одбира да молчи, но ги има тие погледи со внуката со која е многу поврзана, кажа Аница Добра.

Таа во филмот, кој е копродукција говори словенечки, јазик кој не го зборува, иако, како што откри денеска нејзината мајка е Словенка. Објасни како го учела јазикот со професорка по словенечки јазик на Белградскиот факултет и тренер по глас од Љубљана, кои многу и помогнале во совладувањето на јазичната бариера. Со новинарите сподели неколку анегдоти од снимањето, но и како го добила сценариото за филмот. Кажа дека долго траел процесот, а со екипата имале читачки проби, како за во театар, што е невообиачено за снимање филм. Кога се облекла во костимот на Дада, им испратила фотографија на семејството, а тие не ја препознале.
Алеш ми се јави и ми рече дека ќе ми прати сценарио, но не ми кажа за што се работи во него. Се договоривме да се слушнеме за два дена. Јас го прочитав сценариото веднаш и не му се јавив за два дена, туки поминаа пет-шест денови. Сценариото го доживеав многу емотивно. Не знаев ниту за која улога сум планирана. Го читав на српски јазик. Се плашев дека кога ќе му се јавам, ќе почнат веднаш солзи да ми течат, како на некоја баба. Кога го побарав, за среќа, тој беше на некој прием и не можеше да зборува. Спуштив и солзите сами почнаа да течат. Следниот ден кога зборувавме телефонски, му кажав дека филмот за мене ќе биде голем предизвик“, рече Аница Добра.
Словенечката актерка Леа Цок кажа дека со ликот на Броња се запознала себе си и сфатила дека сите сме Броња.
Првпат ми се случи кога ќе прочиташ роман или сценарио и веќе се знаеш. Дотогаш секогаш го употребувавав разумот. Со Броња се запознав себе и разбрав дека сите сме Броња. Сите имаме некакви предизвици во животот, но тоа не е казна, туку тоа е можност да се запознаеш колку си јак. Ние секогаш сме посилни отколку што мислиме дека сме. Некои луѓе плаќаат курсеви, духовни, за да ја најдат смислата, а ете, мене, со Броња, тоа ми беше подарено, кажа Цок, која првпат е во Скопје.
Македонскиот продукцент Томи Салковски рече дека со Алеш Павлин се другари повеќе од 30 години и сакале да направат нешто ново.
Малку сме презаситени од тој класичен европски, балкански и источно-европски филм и приказни. Еден ден тој ми се јави и ми кажа дека има еден одличен роман, кој се преведува на македонски јазик и мислам дека тоа ќе биде една супер екс-југословенска приказна каде што ќе покажеме нешто сосема различно, рече Салковски.
Словенечкиот продуцент Алеш Павлин рече дека тежок бил патот за адаптација на романот во сценарио на филм.
Прикзната е вистинска и е многу инспиративна. Многу ми е драго што овој филм ги спојува луѓето во регионот. Секаде каде што досега бевме со филмот, тој ги трогнува и мислам дека долго ќе трае, рече Павлин.
Филмот „Бело се пере на 90“ е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња, додека ја следиме низ различни фази од животот. Нејзиното безгрижно детство ќе биде прекинато од загубата на нејзината мајка болна од рак, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест. И покрај бројните и речиси непремостливи предизвици, Броња успева да ги надмине со солзи, смеа и непоколеблив оптимизам. Филмот го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век и преку нејзината лична трансформација им нуди надеж и инспирација на гледачите.
Филмот е направен во копродукциска соработка меѓу шест земји – Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора, со поддршка од Словенечкиот филмски центар и Виба Филм Љубљана, ФВГ Филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар ХАВЦ, Филмскиот центар на Србија, Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора и Европскиот фонд за копродукции Еуримаж. Во реализацијата на овој филм, на главната продукциска куќа Перфо од Словенија ѝ се приклучија Квазар Филм, Кинорама, Биберче, Протос Филм, а македонски копродуцент е Црна Мачка Продукција.
„Бело се пере на 90“ имаше светска премиера на Сараевски филмски фестивал во август оваа година. Досега во Словенија овој филм го погледнале над 50 илјади гледачи.

Македонски







