
Нешто ново од современата македонска уметност и прва македонска изложба од ваков вид од синоќа може да погледне и српската публика во галерискиот простор на нашиот КИЦ во Белград.

Изложбата поддржана од Министерството за култура и туризам ја отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а авторот на изложбата Филип Јовески и лично им демонстрираше на посетителите, како преку своите мобилни уреди да уживаат во необичниот, но, складен спој, помеѓу македонските традиционални мотиви и орнаменти во еден новоосвоен простор од проширена или аугментирана реалност, каква што овозможува новово време и новите алатки на дигиталната технологија.
Посетителите ќе можат да ја погледаат изложбата и во присуство на авторот, до 16 јуни.
Со изложбата “Живи артефакти” од Filip Joveski покажавме како можат складно да комуницираат минатото и традицијата (македонската, се разбира), со новото и дигиталното што ни ги подоткрива иднината.
Доволни добри поводи за задоволна публика и преслатка културна вечер, на Македонска 30 во Белград, напиша на фејсбук директорот на Македонскиот КИЦ во Белград Васко Шутаров.

Изложбата насловена како “Живи артефакти (АР) тистика” претставува средишно место во кое се среќаваат традицијата, технологијата и новите медиуми. На оваа повеќе-димензионална, интерактивна и мултимедијална интервенција во просторот, презентирани се уметнички дела инспирирани од нашето богато материјално и нематеријално културно наследство, како и од мотивите на македонските народни носии, а делата се транс-дисциплинарни и меѓусебно поврзуваат повеќе уметности: архитектура, скулптура, музика, филм, дигитална анимација, поезија и визуелна уметност. Тие се претставени на повеќе нивоа на реалност: едно е физичкото кое се гледа веднаш и непосредно штом се застанува пред делото, а другото е виртуелно (дигитално) – кое може да се види со помош на апликација на мобилниот телефон.

Концептуално, изложбата претставува продолжение на првонаградените мултимедијални дела на уметникот од последното издание (2024 година) на реномираното и во светски рамки познатото Остен Биенале.

Љубителите на современата македонска уметност кои посакуваат нешто “свежо” во овие топли јунски денови, треба само да ги наполнат батериите на своите мобилни телефони, да дојдат и да уживаат во уметничките дела на м-р Филип Јовески, изработени во традиционални техники и дигитални медиуми и презентирани со помош на мобилна апликација за аугментирана или проширена реалност.