
Штип одбележува јубилеј 100 години од првата опера „Палјачи“ изведена во Штип. Кирил Панајотов вработен во Општина Штип на денешната прес-конференција рече дека по тој повод утревечер со почеток во 20 часот во големата сала на Центарот за култура „Ацо Шопов„ Штип ќе се одржи гала концерт на Националната опера и балет, а на кој ќе се изведат популарни арии. Тој посочи дека на гала концерт ќе настапи целиот оркестар на Националната опера и балет и десет солисти.
-Уште пред еден век било јасно дека љубовта кон уметноста ќе се развива токму од Штип, со оглед на фактот дека картите уште тогаш биле распродадени за само еден ден. Утревечер влезот е бесплатен за сите кои сакаат да уживаат во Дом на култура Ацо Шопов Штип, вели Панајотов.
Директорот на Државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“, Илија Ќосевски вели дека првата опера била изведена на 29 август во 1925 година, а инцијатор бил Сергеј Михајлов.
-Тогаш биле продавани карти од 15 до 50 динари тогашни. И уште од тогаш се знаело дека љубовта кон уметноста ќе се развива во нашиот град бидејќи биле распродадени за само еден ден. Се одржувало во тогашен офицерски дом, денешен Дом на млади, изјави Ќосевски. Операта „Палјачи“ била поставена под диригентство и во клавирска придружба на легендарниот Сергеј Михајлов, а во режија на Душан Будимировиќ, кој тогаш живеел и работел во Штип, а имал студирано драматургија во Берлин. Операта „Палјачи“ била регистрирана како 201. претстава на тогашниот штипски Театар и како прва опера, која во Штип имала и три репризи.