
Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан по 13. пат почнува в недела (21 септември) во 20 часот во Даут пашиниот амам во Скопје. Врвни автори од регионот како српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер, како и домашните претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови, предводени од лауреатот на наградата „Прозарт“ за 2025, најпреведуваниот словенечки писател и драматург, Евалд Флисар, се гости на фестивалот, што ќе трае до 23 септември.
На првата фестивалска вечер, Флисар ќе биде во друштво со Бауер, Алексиева, Лапчевиќ, Димковска и Корнети. Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Владимир Јанковски.

На вториот фестивалски ден, на 22 септември во 11 часот во Европска куќа Скопје ќе се одржи средба на новинари со учесниците на програмата „Скопје Fellowship“ по што ќе следи средба за вмрежување помеѓу издавачите и традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Вечерта од 18 часот во „Буква“ ќе се одржи промоција на книга од Јана Бауер во организација на „Артконект“. Втората фестивалска вечер завршува со традиционалната тркалезна маса во која учествуваат авторите-гости на фестивалот, од 20 часот во Европска куќа Скопје. Тркалезната маса годинава е на тема „Војни, вештачка интелигенција, литература“ и ја модерира Владимир Јанковски.
На 23 септември во Бугарскиот културно-информативен центар е закажана посебна средба на учесниците на „Скопје Fellowship“ и тркалезна маса на тема „Војни, вештачка интелигенција, литература“.
Наградата „Прозарт“, што фестивалот по 13. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе му биде врачена на словенечкиот писател Евалд Флисар на затворањето на фестивалот на 23 септември од 20 часот во Даут-пашин амам. На завршната вечер, Флисар ќе се обрати пред присутните, а писателите ќе читаат извадоци од своите дела.
Во дополнителната програма на фестивалот на 26 септември (петок) со почеток од 20 часот, во Аудиокултура, Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „30 современи грчки автори“. На промоцијата ќе бидат присутни и четворица грчки поети: Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, чии песни се застапени во оваа книга. Истиот настан ќе се одржи и во Атина, во понеделник, со цел книгата да го добие својот меѓународен публицитет и поддршка.
Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, се одржува и 12. програма „Скопје фелоушип“, која годинава се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. На програмата, годинава учествуваат рекордни 15 врвни издавачи, меѓу кои претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од ТРАДУКИ, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа.
Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.