
Светски познатата виолончелистка Ана Руцнер од Хрватска во придружба на битолскиот Камерен оркестар, синоќа во амфитеатарот на Хераклеја Линкестис одржа спектакуларен концерт.
На првиот настап во земјава, Руцнер како специјална гостинка на Камерниот оркестар на Битола, на концертот насловен „Flowers Symphony“, го презентираше својот талент, хармонија со публиката и исклучително впечатливиот сценски настап.
– Големо е задоволството што Ана Руцнер, уметница со повеќе од 1000 настапи во над 30 држави ширум светот беше наша гостинка. Ана Руцнер е добитничка на над 30 домашни и меѓународни признанија, позната по својот иновативен и уникатен пристап во изведбата на класичната музика, која ја збогатува со модерни и етно елементи. Публиката во Битола имапе ретка можност да ја доживее магијата на Ана Руцнер во живо, со нејзиниот впечатлив сценски настап и секако да ја поздрави како амбасадорка на хрватската култура и туризам, истакнаа од Камерниот оркестар по завршување на концертот.
Освен Руцнер, на концертот настапија и Зана Абази Рамадани од Косово и македонските уметници Виолета Арсовска и Јаворка Витанова.