Во Друштвото на писателите на Македонија вечерва во 19 часот, ќе се одржи промоцијата на романот „Вeтрилиште“ од Игор Анѓелков, издание на „Или-Или“. Книгата ќе ја промовира Оливера Ќоревзироска. Таа во поговорот пишува дека „Ветрилиште“ е деликатен кус роман, несекојдневен и мошне храбар во домашниот книжевен контекст.
Контролирано гротескен, напати и брутално искрен, соголен и соголувачки до коска. Бруталната искреност природно води кон бурен интерес (и коментар) кај читателите во секоја смисла. Ова не е роман за кој (ќе) се молчи. Напротив. Во него се препознава досегашното писмо на Анѓелков, но нештата како да се поместени потаму на повеќе нивоа, во повеќе насоки. Потаму од „Двојна експозиција“ на ниво на отвореност, потаму од „Шрапнел“ на ниво на трансферот татко-син, потаму (дури и како со лупа) од „семејството“ во „Мина“. На „Ветрилиште“ може да се гледа и како на еднодневна микро роад-нарација, но сепак доста различна од „Крај-пат“… – пишува Ќорвезироска.
Ова е десетта книга на Анѓелков. Досега ги објавил следните дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).