Skip to main content

Промоција на романот „Тирза“ и средба со холандскиот автор Арнон Грунберг

Во пријатната атмосфера на Europe House во Скопје, вчера попладне се одржа читачки кружок посветен на романот „Тирза“ од холандскиот автор Арнон Грунберг, кој годинава за првпат е достапен на македонски јазик во издание на „Илика“ и во превод на Ацо Перовски.

Настанот беше увертира за официјалната промоција на романот што ќе се одржи вечерва, на 24 јуни, во 20 часот во КСП Центар-Јадро. Промотор на романот ќе биде поетот и преведувач Александар Маџаровски, чие рецензија и личен впечаток од книгата може да се слушне и на неговиот YouTube канал „Читачот“.

„Тирза“ е роман што предизвикува длабоки емоции и размислувања, следејќи го животот на Јерген Хофместер – човек кој на прв поглед има сè што може да посака: престижен дом во елитен дел од Амстердам, финансиска сигурност, две возрасни ќерки и респектабилна кариера во издаваштвото. Неговото секојдневие е исполнето со рутини и привидна хармонија, но под површината се кријат прашања за идентитетот, родителството и сопствената природа. Како што пишува австрискиот весник Die Presse, „Тирза“ е „вознемирувачко и брилијантно истражување на животот на средната бела класа, зачинето со елементи на семејна драма и трилер“.

Романот, кој во Холандија се смета за едно од најзначајните книжевни дела на новиот милениум, го потврдува талентот на Арнон Грунберг за суптилна психолошка анализа и остроумна опсервација на современото општество. Грунберг е роден во Амстердам во 1971 година, а денес живее и твори во Њујорк. Тој е еден од најпреведуваните и најнаградувани холандски писатели на својата генерација, познат по својот специфичен стил, иронија и хумор, но и по храброста да навлезе во најтемните делови на човечката психа.

Својата книжевна кариера Грунберг ја започнал со романот „Син понеделник“ (Blauwe Maandag), кој веднаш по објавувањето во 1994 година ја освои наградата Anton Wachter за најдобар дебитантски роман во Холандија. Оттогаш има напишано повеќе од триесет книги, меѓу кои се издвојуваат „Азилант“ (De Asielzoeker), „Нашиот вујко“ (Onze Oom), „Добри луѓе“ (Goede Mensen) и, секако, „Тирза“. За „Тирза“ Грунберг ја доби престижната Libris Literature Prize, а романот беше адаптиран и во филмска верзија во 2013 година.

Промоцијата на „Тирза“ во Скопје е значаен културен настан, со кој македонската публика добива можност да се запознае со едно од најмоќните дела на современата европска литература. Настанот е отворен за сите љубители на книгата, а организаторите најавуваат инспиративна вечер исполнета со дискусија, читање и нови книжевни пријателства.

Поврзани вести