
Битола е уметност, историја, посебна приказна… Посебен шарм и град на културата. Мозаик од вистински вредности, традиција, географска положба и грациозна, достоинствена историја. Онаа која знаела да засвири на клавир, да симне паларија и да те поздрави со вистински урбан шмек. Битола е град и Битола е градска.
Сликовницата „Битолскиот клавир Петко“ ја раскажува токму таа урбана бајка. Приказната го следи клавирот Петко (комичен и допадлив лик за најмладата публика). Петко се раѓа во Париз, но поминувајќи низ многу премрежја и животни судбини, патува до Истанбул, а потоа пристигнува во градот на магнолијата – некогаш и градот на клавирите. Но, еден ден, во Битола ги одземаат сите „клавири“…
„Да ги вратиме ,,клавирите.“, вели авторката Елена Наумовски, познато име на македонската книжевна сцена. Зад себе има две збирки поезија и еден роман (коавторство со Владимир Ивановски – Дади), а моментално работи на сценарио за игран филм во соработка со режисерот Антонио Митрикески, корежисерот Омер Зекировски и директорот на фотографија Беби Зекировски. Неофицијално, во проектот е вклучен и актерот и шоумен Игор Џамбазов. Како и сликовницата, и филмот ќе ја има Битола како главна сцена. „Имаме што да кажеме за овој град. Но, дали ќе нè слушнат? Ова е апел за поддршка на македонските автори, уметници, филмаџии и промоција на нашата историја, културно наследство и традиција. “ додава Наумовски.
Илустрациите се дело на Мирјана Бубевска, веќе докажано име во својата професија во и надвор од Македонија. Нејзиниот автентичен стил ги оживува бајките носејќи на ,,сцена” ликови во кои ќе се вљубите на прв поглед. Авторката и илустраторката најавуваат дека ова е само почеток – планот е да се создадат сликовници за сите градови во земјата, за на младите генерации да им се пренесе културата и историјата на Македонија.
Промоцијата е на 18 август (понеделник) во 19:00 часот.
Настанот е во рамките на Бит Фест (Битолско културно лето е поддржан од Општина Битола, како и неколку општествено одговорни компании кои веруваат дека уметноста, културата и урбаниот крик сеуште постојат во Биола: Native teams, Болница Плодност, Reprim Битола, Менувачница Саат Кула, Бар Општина, Muppet kids, Adam’s Art.
Промоцијата ќе се одржи во просториите на Book’s House – Битола, а најмладата публика ќе може да ужива во друштво на кловнот Заги и во креативна детска работилница со Ankica Adams Art – уметничко ателје. За сега книгите ќе бидат достапни за продажба во книжарата Book’s House.