
В среда (29 октомври) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирана збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување според Друштвото на писателите на Македонија во 2025 година. Модератор и промотор е Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Расказите на Жарко Кујунџиски се раскошно славење на приказната. Без разлика дали станува збор за приказни раскажани во прво лице или низ перспективата на сезнаечки наратор, овие текстови ги користат многубројните можности на расказот како форма, богато поигрувајќи си со неговите потенцијали – подвлекува Владимир Јанковски за збирката раскази „Приказничар“ која е во издание на Антолог.
Жарко Кујунџиски (1980) е писател и издавач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Автор е на 13 книги. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction“ 2013. „Spectator“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е објавен на полски и на српски јазик. „Америка“ е објавен на италијански јазик. Романот „Сфинга на гневот“ бил македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2021 година. Добитник е на неколку книжевни награди како и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.
Настанот е дел од традиционалните активности на Библиотеката за претставување и промоција на делата наградени од ДПМ.

Македонски








