Во Друштвото на писателите на Македонија на 26.12.2025 г. со почеток во 18:00 часот ќе биде промовирана книгата „Она што се памети живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“) – збирка раскази што го чествува споменот на автори, поети и писатели, поранешни членови на Друштвото, на кои со радост и со уважување се сеќаваме.
Со оваа промоција, Друштвото на писателите на Македонија ќе ја заокружи својата работа во 2025 година.
Ќе учествуваат девет наши истакнати автори чии раскази се дел од книгата: Адем Абдулаху, Фима Клетникова, Александар Кујунџиски, Јелена Лужина, Снежана Младеновска-Анѓелков, Огнена Никуљски, Диме Ратајкоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска и Влада Урошевиќ, а разговорите со нив ќе ги води Катерина Богоева. Вечерта
ќе биде отворена со настап на гудачки квартет сочинет од музичари од Факултетот за музичка уметност од Скопје (Бојана Митковска и Марија Ристовска на виолина, Виктор Манев на виола и Сара Илиевска на виолончело), а настанот ќе го затвори реномираниот Петар Ренџов, кој ќе настапи на гитара.„Она што особено нè восхитува во оваа книга е тоа што на неа можеме да гледаме како на еден голем, бесконечен мозаик: а нејзините раскази и параграфите во тие раскази – како тесерите од тој мозаик. Како пространите подни мозаици во Ерихон, Палестина, или во Равена, Италија – затоа што животите и творештвата на овие автори и нивните достигнувања се на еден начин нашето тло. Да се сетиме на Конески, но и на другите учители, потоа на наследството на Стале Попов и на нему сличните корифеи.“ (Од поговорот на Живко Грозданоски, приредувач на изданието).

Македонски






