
В петок, (18 јули) во рамките на манифестицијата Скопско културно лето со почеток во 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Rock n’ beat“ од новинарот Михајло Грбевски-Мишко. Промоцијата ќе се одржи пред Музичкиот салон „До ре ми“, иако првично беше најавена друга локација.
Оваа книга (негов публицистички првенец) всушност претставува збир интервјуа (вкупно педесет) од неговата дведецениска новинарска активност во неколку печатени медиуми, дневни весници и неделници („Екран“, „Ритам“, „Време“, „Нова Македонија“).
Книгата има четири циклуси – „Рок пролет“ (интервјуа со македонски музичари – Армен Сурмејан, Влако Стефановски, Гарабет Тавитјан, Кокан Димушевски, Јаков Дренковски Гранит Таќи, Драган Даутовски, Кирил Џајковски итн.).
„Кралот на брзината“ (интервјуа со светски ѕвезди – Јан Гилан, Дејвид Ковердејл, Џони Ротен, Ал Ди Меола, Пол Велер, Јан Акерман, Скот Хендерсон итн.).
„Валкан Балкан“ (интервјуа со балкански музичари – Давор Гобац, Миле Кекин, Зоран Предин итн.) и „Звукот на подземјето“ (интервјуа со македонски андерграунд музичари).