
Во вторник, на 8 април во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „На врв од острицата“ („Макавеј“, 2024) од Сузана В. Спасовска. Промотори на книгата ќе бидат поранешната претседателка на ДПМ Соња Стојменска-Елзесер и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски.
„На врв од острицата е критичко-есеистичка книга во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на авторката во текот на повеќе од две децении.
Она што ги обединува овие текстови е живиот, страстен и едуциран интерес на Спасовска за македонската литература и во тие рамки, доминантно за поезијата. Токму таквиот фокус ѝ придодава посебно значење на оваа книга, која со самиот наслов ја манифестира тенденцијата да биде валоризаторски аналитична, прецизна и јасна.
На околу триста страници авторката загатнува низа значајни проблемски пунктови и преку анализите и коментарите првенствено придонесува за опфатно и квалитетно толкување на македонската современа поезија, како и на поопштите процеси и појави во македонската литература, но и на некои глобални културолошки феномени.“ (Соња Стојменска-Елзесер)