
Литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“ ќе се одржи на 1 јуни (недела), со почеток во 11 часот, на првиот кат во „Ист гејт мол“. Настанот е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со „Ист гејт мол“ и „Литература.мк“. Во рамките на хепенингот ќе бидат прогласени и наградени победниците на истоимениот литературен и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, кој се спроведуваше во градинките и основните училишта низ целата држава.
Во програмата се вклучени музички настапи на талентирани деца и ученици од повеќе градинки и основни училишта од Скопје, како и настап на шампионите во танц – „Денсерс јунајтед“. Ќе следува детската театарска претстава „Рибарот и златната рипка“.
На е-адресата на „Арс Ламина“ пристигнаа 205 литературни и 280 ликовни творби од ученици од прво до деветто одделение, како и од деца од предучилишна возраст.
За најдобрите творби одлучуваше стручно жири. Творбите од децата од градинките ги оценуваше комисија во состав: Билјана Лотеска (воспитувачка и авторка на книги за деца), Цветанка Стоилова (уредничка на списанието „Ѕвезди“), Марија Богоеска-Созданоска (уредничка на изданија за предучилишна возраст во „Арс Ламина“). Ликовните творби на учениците од основните училишта ги оценуваа: Наталија Лукомска (илустраторка), Калиопи Трпчева (сликарка и илустраторка) и Анета Илиевска (графичка дизајнерка и илустраторка). Жирито за литературните творби беше составено од: Владанка Д. Урошева (одделенска наставничка), Викторија Мирческа-Стојческа (лекторка и основачка на Школа за брзо читање и мудро учење), Маја Трајковиќ (библиотекарка во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, Скопје) и Бисера Бендевска (уредничка на детска литература во „Арс Ламина“).
Литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“ е завршен настан од истоимената кампања, која издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе седма година по ред. Целите на кампањата се: поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст, негување на мајчиниот јазик, поддршка на децата со тешкотии во читањето и друго.