
Проф. д-р Вера Георгиева е добитничка на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година, што ја доделува Филозофското друштво на Македонија. Одлуката едногласно ја донела Комисијата за доделување на наградата, во состав проф. д-р Иван Џепароски, како претседател, и проф. д-р Слаѓана Ристиќ Горгиев и проф. д-р Трајче Стојанов, како членови.
Во образложението на одлуката се наведува дека Георгиева во досегашната професионална дејност се издвојува како една од најзначајните и најпрепознатливите филозофски автори во земјата, со особен придонес во историјата на филозофијата, а особено во проучувањето на византиската филозофија.
Комисијата посочува дека како авторка на неколку монографски изданија и бројни научни трудови во еминентни научни списанија, како и учесничка на научни симпозиуми во земјата и странство, Георгиева со својот минуциозен пристап успешно и прецизно ги толкува сложените филозофски прашања поврзани со античката и византиската филозофија.
Во образложението се истакнува и нејзиниот педагошки ангажман и придонесот за поширока афирмација на значењето и вредноста на филозофијата, преку кои, како што се наведува, ја реализира просветителската мисија на филозофскиот ангажман.
Проф. д-р Вера Георгиева е родена во 1950 година и припаѓа на втората генерација македонски филозофи. Магистерската теза „Хајдегеровото толкување на Хераклитовиот логос“ ја одбранила на Филозофскиот факултет во Белград, а докторската дисертација „Антрополошките импликации во филозофијата на исихазмот“ на Филозофскиот факултет во Скопје во 1991 година.
Од 1975 година до пензионирањето во 2017 година работела на Катедрата, односно Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што предавала предмети од областа на античката, средновековната, ренесансната, византиската, арапската и еврејската филозофија.
Меѓу нејзините придонеси е и воведувањето на предметот Византиска филозофија во универзитетскиот курикулум во 1999 година. Авторка е на четири монографии и на бројни научни и стручни трудови објавени во домашни и меѓународни списанија и зборници.
Георгиева во два мандата била претседателка на Редакцискиот одбор на Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, а била и членка на одборите за доделување на наградите „Гоце Делчев“ и „Св. Климент Охридски“. Од 2012 до 2016 година ја извршувала функцијата сенатор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Свеченото врачување на наградата „Константин Философ“ ќе се одржи на 17 ноември во 9 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје, во рамките на 23. одбележување на Светскиот ден на филозофијата. Настанот е во организација на Филозофското друштво на Македонија и Институтот за филозофија и ќе биде отворен за јавноста.

Македонски




