
Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци на 23 јуни премиерно ќе ја изведе монодрамата „Кротка“ која е копродукција на Театарот при Домот на културата и Комисијата за еднакви можности при Локална самоуправа Кавадарци. Првата реприза е во вторник, на 24 јуни 2025.
Монодрамата „Кротка“ е драмска адаптација на истоимената новела од Фјодор Михајлович Достоевски, која се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга — млада, тивка и кротка девојка. Монодрамата претставува исповед на човекот кој, во состојба на шок и вина, се обидува да го реконструира текот на нивниот однос, да ја разбере тишината на својата жена и причините за нејзиното самоубиство.
Драмската адаптација и режија се на Микица Илова. Игра Сашко Орепков, а гласот е на Марија В‘чкова.
В сабота, на 14 јуни од 19 часот и во понеделник на 16 јуни од 20 часот, Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, по барање на театарската публика репризно (по 6 и 7 пат) ќе ја изведе претставата/урнебесна комедија „Жена ми се вика Борис“ работена според текст на Рафи Шарт, а во адаптација и режија на Диме Боцев.

Играат: Видан Станоев, Диме Боцев, Благица Боцева, Анастасија Данаилова, Саше Орешков, Цветанка Прочков и Александар Малинков.
Костимограф – Сара Милевска; Суфлери – Христина Станоева, Елена Лазова; Тон и светло – Пепи Ангелов; Изработка на сценографија – Диме Темков, Тони Туриманџов и тим на Дом на култура Кавадарци.
„Жена ми се вика Борис“ е современа фарсична комедија, дело на Рафи Шарт, еден од најпознатите современи француски комедиографи, чии текстови доживуваат неверојатен успех на театарските сцени насекаде низ светот. Познат по своите прецизни заплети, тој е еден од легитимните наследници на Жорж Фејдо. Неговата провокативна поетика лесно комуницира со публиката, а неговите карактери се огледало на животот што го живееме. Самата претстава е современа хит-претстава со калабалак од заплети, замена на идентитети и мноштво луди ситуации кои се одвиваат со неверојатна брзина.
Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
„Жена ми се вика Борис“ ќе доживее и гостување но соседните држави, од кои едното е учество на театарскиот фестивал во Требиње, Босна и херцеговина, а веќе се договараат гостувања на сцените низ Македонија.