
Струмичкиот театар „Антон Панов“ вечер премиерно ќе ја изведе тажната комедија „Деца на светот“ од бугарскиот писател Стефан Цанев во режија на Васил Михаил.
Според информацијата од Тетарот, сите теми на претставата се спојуваат преку емотивната призма на родителите чии деца заминале во светот и нема да се вратат никогаш.
Родителите, кои се радуваат на успесите на децата, а истовремено се скршени од болка поради нивното отсуство. Животот често знае да биде парадоксален. Претставата ја раскажува нашата приказна. Препознавањето на нашето секојдневие и животот воопшто, е неизбежно. Она чувство кога нешто е во исто време многу смешно, ама и за плачење, се наведува во информацијата за најновата премиера на НТ „Антон Панов“.
Сценографијата и плакатот се на Никола Пијанманов, костимографијата е на Ванчо Василев, драматрург е Ацо Гогов, музички соработник Боби Ѓошиќ, вокалот е на Елисавета Василева Бончева, а преводот го направи Коста Ангов.
Во „Деца на светот“ настапуваат Оливера Аризанова-Мансбарт во улогата на Жената, Коста Ангов-Мажот и Анкица Бенинова во улогата на Проститутката.