Skip to main content

„Повратник со две лица“ – нова книга на Ивица Челиковиќ

Пред крајот на 2025 година, Ивица Челиковиќ го објави својот нов роман со наслов „Повратник со две лица“, во издание на издавачката куќа „Паблишер“.

Ивица Челиковиќ е препознатлив по своето богато творештво – автор е на петнаесетина авторски дела, поетски збирки и романи. Како докажан автор, има добиено повеќе значајни награди и признанија, како „Млада Струга“, „Стојан Христов“, „Стале Попов“, „Караманов 2023“, „Златно перо“.Освен како автор, за македонската книжевна сцена е значаен и како преведувач од шведската литература, со преведени четириесетина делана македонски јазик. Тој е член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели.

„Повратник со две лица“ е седмо прозно дело од Челиковиќ. Сосредоточено е на темите што често се провлекуваат во неговото писмо – отуѓеноста, прашањето за сопствениот идентитет, растргнатоста меѓу себе и другите, она што сме и она што сакаме да бидеме. Сижето го следи главниот лик Нестор, кој е патник меѓу два света, морнар кој плови меѓу бреговите на вистината и заблудата, љубовта и недостигот, по пат што води кон најтешкото враќање: во самиот себе.

Оваа книга е уште една умешно исткаена приказна од Челиковиќ за сеќавањето, за помирувањето со загубата и простувањето, за вечната потреба да се најде светлина во темнината.

Романот е достапен во сите книжарници на ТРИ и онлајн на kniga.mk.

Неговиот издавач верува дека овој роман ќе му донесе нови значајни награди на Челиковиќ, како потврда за неговото раскажувачко мајсторство.