
Солун– Оркестарот на Македонската филхармонија гостува во Солун, како продолжување на проектот што започна во февруари во Софија каде имаа заедничка изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.
На денешната проба музичарите од трите држави повторно звучеа моќно и обединето. На сцената има над двеста уметници, и три хора, диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контра тенорот Николас Спанос од Грција.

„Кармина Бурана“ секогаш е предизвик, но предизвикот овој пат на концертот во Солун е уште поголем затоа што сме во акустична сала без микорфони. Во Софија бевме озвучени, а тука се потпираме само на гласот и е сложен проблем на усогласување на јачината на звукот на солистите, на хорот и на оркестарот. Ќе се потрудиме сите, но имаме еден човек кој не организира сите, а тоа е диригентот Михалис Иконому и мислам дека одлично ќе се снајде и овој пат, рече Иво Јорданов, бугарскиот тенор, кој посочи дека не само со овој проект меѓу трите држави: Бугарија, Македонија и Грција, туку при секој настап оркестрите, хоровите и музичарите од регионов одлично соработуваат.

Тоа не е нешто уникатно, уникатен е начинот на кој сега покажуваме дека заедно можеме повеќе и подобро. Во светот на класичната музика ние секогаш сме биле заедно, никогаш не сме се делеле и сметам дека тоа е мошне важно да се знае, потенцираше Јорданов.
Изведбата на грандиозното дело од Карл Орф ќе се одржи на 30 јуни во Концертната сала во Солун, со почеток во 21 часот.
Мошне сум почестен и горд што сум овде. Најмногу поради тоа што ќе го изведеме ова ремек-дело со толку многу одлични музичари и одлични солисти и фантастични оркестри. Но, она што сакам да го истакнам е дека само уметноста, особено музиката прави да бидеме заедно, обединети и далеку од војни и кризи, бидејќи гледаме во моментов на повеќе места во светот луѓето се убиваат меѓу себе за ништо, рече диригентот Михалис Иконому пред утрешниот концерт.

Ова е втора изведба на „Кармина Бурана“, по премиерата во Софија во февруари, која беше проследена со овации од публиката.
Солунската концертна сала е можеби најпрестижното место, каде секој уметник би сакал да настапи, а преку музиката ги рушиме стереотипите и бариерите, вели Мустафа Имери, директорот на Македонската филхармонија.

Во поглед на третата изведба која според редот на нештата би требало да се случи во Македонија, Имери рече дека и Софиската филхармонија и Солунскиот државен оркестар добиваат сретства од европските фондови кои ние за жал во моментов не можеме да ги користиме за да организираме ваков настан.
И уметниците сакаат тоа да се случи, но факт е дека тоа единствено е можно само доколку добиеме поддршка од Министерството за култура или од спонзори, вели Имери.