Skip to main content

Панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“ ги откри условите, амбиентот и предизвиците за работа во областа на драмската уметност

Генералната асемблеја на „Еуродрам“, која од 27 октомври до 1 ноември се одржува во Скопје, во својата програма имасценски читања, преведувачка работилница, панел-дискусии, промоции на книги и театарски претстави.

Организирана во партнерство со Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје, на 29 октомври во Европска куќа – Скопје се одржа панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“. Панелот гомодерираше Елизабет Шустер, театарска кураторка и координаторка на Германскиот комитет на „Еуродрам“. На панелот учествуваа Јулија Скибицка, театарска истражувачка и координаторка на Украинскиот комитет; Татија Мтварелидзе, театарска истражувачка, преведувачка и координаторка на Грузискиот комитет; Анамарија Бјанко, истражувачка и координаторка на Арапскиот комитет на „Еуродрам“; Владимир Јанковски, писател и издавач; и Билјана Прентоска, раководителка на Канцеларијата на „Креативна Европа“ (МК Деск).

Учесниците на панел-дискусијата зборуваа за условите, амбиентот и предизвиците за работа во областа на драмската уметност во земјите од кои доаѓаат. Во обраќањето на Јулија Скибицка главниот фокус беше ставен на војната што се води во Украина и за разорните дејства што таа ги има и врз театрите и врз можностите за работа.Таа истакна дека според извештаите на Украинското министерство за култура со војната се оштетени или уништени околу 2.600 културни институции и околу 2.100 културолошки локалитети. Таа додаде дека не се уништени само објектите, туку дека Украина ги губи и своите артисти, потсетувајќи дека такво нешто се случувало и во времето кога владеел Сталин. Некои артисти ја напуштиле Украина, а дел од нив се вклучени во војската. Сепак, потенцираше таа, драмската уметност во Украина не е замрена, се пишуваат нови драми и се организираат нови театарски проекти во воени услови. „Во новите драми не се пишува само за воените страдања, туку и за љубовта, хуманоста, и, воопшто, за животот“, рече таа.

Според Татија Мтварелидзе, која доаѓа од Грузискиот комитет на „Еуродрам“, во нејзината земја нема војна, но се чувствуваат исто како во Украина поради репресивниот систем што владее во Грузија. Таа објасни дека Грузијците секој ден протестираат на улиците против системот заради репресиите што ги чувствуваат врз човечките размислувања и интелект. Во однос на театарската уметност рече дека е ставена во функција на едукацијата, повеќе како пропаганда, отколку како уметност. Зборуваше и за силната репресија што ја прави државата врз граѓаните и врз уметниците, и додаде дека може да се заврши во затвор за напишан драмски текст, објаснувајќи дека меѓу политичките затвореници има актери, поети, новинари.

Координаторката на Арапскиот комитет на „Еуродрам“, Анамарија Бјанко, направи систематизиран преглед на театарската уметност на поширокиот простор на арапскиот свет. Како клучен проблем ги истакна војните во Сирија и во Палестина. Со мигрантските бранови голем дел од уметниците и артистите се преселиле во Европа, каде што прават обиди да поставуваат претстави на својот јазик. Во однос на ситуацијата во Газа, рече дека сите театри таму се уништени, а конфузната и трауматична геополитичка ситуација влијае да се намали поддршката за арапските автори и театри.

Македонскиот писател Владимир Јанковски на панелот зборуваше за активистичкиот аспект во уметничката работа истакнувајќи дека таквиот ангажман е знак дека верувате дека може нешто да се промени во општеството во кое живеете. На прашањето дали му пречи тоа што пишува на македонски јазик, кој е малку присутен во Европа, тој одговори дека има мало чувство на клаустрофобичност кога се пишува на јазик што не е многу распространет, но затоа е важно делата да се преведуваат на други јазици. „Ниту една литература не може да живее без превод, без комуникацијата со други културни средини и без компаративните аспекти на литературата“, рече Јанковски. Притоа упати и реторичко прашање, дали едно дело е помалку вредно или помалку важно само поради тоа што е напишано на „мал јазик“?

Претставничката на македонскиот деск на програмата „Креативна Европа“, Билјана Прентоска, зборуваше за условите и начините на кои може да се дојде до поддршка за објава или за превод на делата. Притоа таа ја истакна и важноста на вмрежувањето како главен критериум за да се отворат можности за реализација на поголеми проекти. Во однос на принципите по кои функционира поддршката од „Креативна Европа“, таа го истакна мотото: „Мора да бидеш реален ако сакаш да направиш успешен проект“.

По панел-дискусијата, на големата сцена во Театар Комедија се одржа првото сценско читање на текстови од изборите на „Еуродрам“. Модераторка на сценските читања е актерката Катерина Коцевска. На 29 октомври беа прочитани извадоци од „Џинови и џуџиња“ од Владимир Јанковски, со англиски титлови во превод на Иван Додовски, и од „Anorexia Feelgood-Songs“ од Фајер Кох, во македонски превод на Ана Ристоска Трпеноска, со англиски титлови во превод на Катја Андруш. Текстовите ги интерпретираа актерите Тони Денковски, Елена Кузманов, Јаков Спасов и Кристина Христова Николова.

По читањето на фрагменти од двата драмски текста следуваше разговор со Владимир Јанковски, Ана Ристоска Трпеноска и Катја Андруш. Авторот Владимир Јанковски во своето обраќање зборуваше за чувството кога сопствениот текст го слуша во изведба на актери. Тој истакна дека имал одредена визија за текстот додека го пишувал, а читањето на драмата од други изведувачи му овозможило сопствениот текст да го доживее и на поинаков начин.

Ана Ристоска Трпеноска истакна дека ѝ претставувало задоволство да го преведе драмскиот текст „Anorexia Feelgood-Songs“ од Фајер Кох на македонски јазик, притоа посочувајќи дека таа е драмска авторка, а не професионална преведувачка. Во однос на преведувачкиот процес на почетокот мислела дека едноставно ќе ја заврши целата работа, но подоцна се појавиле предизвици поврзани со појаснување на карактерот на главниот лик во драмата. На преводот на англиските титлови на истата драма работеше Катја Андруш, која објасни дека се обидувала да го фати ритамот на напишаното и веродостојно да го пренесе од едниот во другиот јазик.

Во попладневната и вечерната програма на 29 октомври беа изведени претставите „Слепци“ од Морис Метерлинк, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар – Скопје, и „Ало, ало!“ од Дејвид Крофт и Џереми Лојд, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија.

На 30 октомври (петок), од 12:30 до 13:30 часот, во „Лабораториум“ ќе биде претставено француското издание на драмата „Јас, на некое друго место“ од Ана Ристоска Трпеноска, со разговор во кој ќе учествуваат Доминик Долмие, Фроса Пејоска-Бушро и авторката. Настанот ќе биде придружен со изложба на македонски драми објавени на француски јазик.

Второто сценско читање на извадоци од романски драми избрани од „Еуродрам“, посветено на современата романска драма, ќе се одржи во петок, 30 октомври, од 15:00 до 16:30 часот, во Театар Комедија.

Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. Домаќини на асемблејата се Театар Комедија и Македонскиот комитет на „Еуродрам“.