
Во Музејот на Македонија на четврти јуни (среда) во 12 часот е закажано отворањето на Спомен собата и промоција на биографски филм за Вера Кличкова.
Во амбиенталниот дел од Постојаната поставка ќе бидат презентирани реставрирани оригинални предмети, документи и лични предмети како и мебелот од канцеларијата во кој работела како директор цели 26 години. Во филмот, за значењето и достигнувањата на Вера Кличкова во етнологијата и музеологијата и создавањето на етнолошките филмови зборуваат нејзини современици и колеги, со што се надопoлнува сликата за целосната посветеност и љубовта кон професијата, како и нејзината значајна улога во целокупниот општествен живот во Македонија.
Најзначајната фигура за развојот на Етнолошкиот музеј во Македонија, Вера Кличкова (1911 – 1998) е со огромни заслуги за организирањето и збогатувањето на етнографските збирки во овој и во други музејски установи, како и во пионерската улога во полето на визуелната антропологија и во создавањето на првите етнолошки филмови во Македонија.
Од 1945 го водела Етнолошкото одделение во Народниот музеј во Скопје, а во 1949 година Кличкова станува директор на првиот самостоен Етнолошки музеј во Народна Република Македонија. На раководната функција на Етнолошкиот музеј Кличкова била се до пензионирањето во 1975 година. Нејзината стручна и научна посветеност особено доаѓа до израз во напорите на осамостојување на Етнолошкиот музеј и со тимот што го оформила особено се вложиле во прибирање предмети од целата територија на земјата.
Изложени на вонредно тешки услови на теренска работа, етнолозите заедно со Кличкова биле постојано на терен во „собирачка“ активност. Вкупниот број на собраните предмети во Музејот за време на работниот век на Кличкова изнесува 15.000.
Кличкова е доајенка во визуелната етнологија во Македонија. Од средината на 50-тите години од 20 век започнува со организирано снимање на етнолошки филмови и е „првата дама“ во оваа дејност не само кај нас туку и пошироко во регионот. Како сценарист и режисер снимила 6 филмови во периодот од 1952/53 до 1964/66 година: „Азот“ и „Велигденски обичаи“, „Ѓурѓовденски обичаи“,, и „Русалиски обичаи“ во гевгелиско „Рибарството во Катлановско езеро“ и „Мариовска свадба“.
На полето на визуелната етнологија Вера Кличкова е авангардна за нашата средина, со историско и културно значење како она на браќата Манаки, како пионери на своето време филмски да се забележат значајни настани и моменти од секојдневието и од традиционалниот живот на населението во Македонија во текот на 20 век. Освен во музеологијата имала и многу други ангажмани во општествениот живот и заслужено добила повеќе награди меѓу кои и наградата за животно дело „11 Октомври“ .