Skip to main content

Осум претстави на „Скупифестивал“ од вечерва до 4 октомври

„Скупифестивал“

Меѓународниот театарски фестивал „Скупифестивал“ почнува вечер и ќе трае до 4 октомври. Годинава, 19. издание по ред се одржува под мотото „На крајот, секоја маска мора да падне“ во просториите на Албанскиот театар – Скопје.

Свеченото отворање ќе почне вечер од 20 часот со изведба од Националниот театар на Косово. Со преставата „Брак“ од авторот Витолд Гомбрович во режија на Норберт Раковски и улоги: Арменд Смајли, Иљбер Барди, Менсур Сафќиу, Шеќерие Бучај, Шкљзен Весели, Ера Балај, Адурим Деми.

Утревечер во истото време ќе се одигра претставата „Тврдина“ од авторот Меша Селимовиќ во режија на Андреа Беналјо и во продукција на АтелјеркунчеоН од Бергамо Италија. Улоги: Андреа Беналјо, Винченцо Лонгарети, Гаја Бономи, Алина Фофанова, Мирко Таска, Срдан Ерак, Теодора Пајич.

Во среда од 19 часот на ред е „Жената на Макбет и јас 2.0“, со автор и интерпретација на Мирел Кнез и режија на Ник Упер, во продукција на Глобал театар, Љубљана, Словенија. Од 20:30 часот пак, следува „Бес за двајца или повеќе“ од Театар Хера, Истанбул, од авторот Ежен Јонеско во режија на Сенем Џевхер и во улоги на Озкан Озен, Бесте Озен, Огуз Каан Кахраман.

На 2 октомври, четврток, во 20 часот, гостува „Дон Жуан“ од Жан Батист Молиер, во продукција на народен театар од Ниш. Во режија на Васил Василев и во улоги на Дејан Лилиќ, Драгиша Вељковиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Андрија Митиќ, Урош Милојевиќ, Катарина Митиќ Павловиќ, Наталија Јовиќ, Данило Петровиќ, Марјан Тодоровиќ, Милош Митровиќ.

Додека во петок во 19 часот, ќе се одржи перформансот „X“ од независниот театар Јалта Арт Рум од Софија, автор и режија на Бојан Крачалов, во интерпретација на Васил Дуев – Туиг. Истата вечер во 20:30 часот гостува претставата „Медеа“ од Еврипид од Народен театар „Иван Вазов“ – Софија, во режија на Деклан Донелан и улоги Радина Карџилова, Велислав Павлов, Валентин Ганев, Асен Данков, Јавор Валканов, Стелиан Радев, Вера Табакова, Радена Валканова, Жорета Николова, Стефанија Колева, Елена Иванова, Надја Керанова, Ана Пападопулу и две деца – актери.

На последниот ден од фестивалот, во сабота во 20 часот, ќе се одржи преставата „Половина – животот на Марија Кири“. Автор – Лаурен Гундерсон, режија – Армела Демај и во улоги: Уљка Мујо и Армела Демај. Продукција: театар Метропол од Тирана, Албанија.

Во оваа едиција на фестивалот, во жири ќе бидат актерката од Албанија, Замира Кита, новинарката за култура Сребра Ѓорѓијевска и актерот Адриан Азири. Тие ќе одлучат за наградата, најдобра претстава на „Скупифестивал“ 2025 година, се наведува во соопштението.

„Скупифестивал“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, преку Годишната програма за култура за проекти од национален интерес.

И оваа едиција ќе се одржи во просториите на Албански театар – Скопје. Директор на фестивалот е Музбајдин Ќамили, претседател на уметничкиот совет – Сенко Велинов, уметнички директор – Осман Ахмети , членови – Куштрим Бектеши, Бетим Зекири, координатор – Џанер Мусиќ, изработка на видеоматериали – Бетим Зекири. И оваа година за дизајнот на „Скупифестивал“ се погрижи Eggra, се појаснува во соопштението.