
Првиот концерт на „Охридско лето“ се случи на 4. август 1961 година во „Света Софија“ каде што магичниот глас на првенката на Македонската опера Ана Липша- Тофовиќ како нарачан за тој прекрасен амбиент со неверојатната акустика, дефинитивно ја потврди оправданоста на сите дотогашни настојувања и желби за да се дојде до тоа што Охрид бездруго треба да го има. Тој чин на концертно крштевање во „Света Софија“ направен во миг на визионерско вдахновение на Ана Липша- Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од охриѓани и македонски културни дејци, покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација од светско значење. Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека „Света Софија“ е дадена за тоа. Така започна приказната што се вика фестивал „Охридско лето“. Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на „Света Софија“ со вокалното музицирање, но се разбира со настојување пред сè да биде обезбеден уметничкиот квалитет од една страна, а од друга страна грижата и потребата за застапеност на дела инспирирани од светото дело на браќата Кирил и Методиј со што ќе се нагласи значењето на Охрид како лулка на словенската писменост. Во неколкуте први години на себенаоѓање и профилирање на сопствената физиономија, „Охридско лето“ силно се утврди како еден од стожерите на македонската културна традиција. Денес, „Охридско лето“ е високоетаблиран фестивал во европски и пошироки рамки. Од 1994 година е член на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА). Покровител на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација во земјава е претседателот на Р.Македонија, а фестивалот е финансиран од Владата преку ресорното министерство за култура. Освен тоа, врвната уметничка програма која секоја година испишува уникатна приказна, ја препознаваат и генералниот спонзор А1 Македонија, како и бројно спонзори и помагатели.
Во чест на јубилејниот 65. роденден на „Охридско лето“ разговаравме со директорот, Ѓорѓи Цуцковски за предизвиците, плановите, прославата, враќањето на корените…
Оваа година фестивалот „Охридско лето“ одбележува 65 години постоење. Од тој прв концерт на Ана Липша Тофовиќ, 4 август во „Света Софија“, „Охридско лето“ силно се утврди како еден од стожерите на македонската културна сцена. Колкав беше предизвикот, како прв човек на Фестивалот да го подготвите ова јубилејно издание?

Во декември минатата година бев назначен за генерален директор на оваа престижна усанова и на моја особена чест и задоволство знаев дека пред мене претстои сериозен период на активна организација затоа што Фестивалот сам по себе има многу комплексна структура. Освен програмскиот дел кој мора да биде на исклучително високо ниво, организационо е навистина голем предизвик. Од оваа временска дистанца особено сум задоволен како помина самото отворање, бидејќи за прв пат по многу години фестивалот „Охридско лето“ имаше двајца претседатели во публика, премиерот на државата, целиот државен врв, целиот дипломатски кор, многу љубители и уживатели на уметноста…се бараше карта повеќе. Денот беше навистина стресен, но кога еден директор ќе види задоволна публика и сеуште стигаат позитивни реакции од аспект на тоа дека отворањето било незаборавно, задоволството е огромно.
Морам да истакнам дека целата програма одеше многу лесно, благодарение на моите долгогодишни интернационални контакти и на мојата лична уметничка кариера. Тоа беше предноста во моето менаџерско делување. Не само отворањето, туку и Михаил Плетњов, кој ретко настапува, ми беше мошне лесно да ги договорам како уметници. За мене лично поголем предизвик беа спонзорите и организацијат на фестивалот и навистина сум горд на себе бидејќи имаме рекордна бројка на спонзорски сретства што за еден нов менаџер е голем успех. Би сакал овде да потенцирам и дека досега имаме голема бројка на продадени билети-што исто така покажува дека ние како институција сме си ја завршиле добро работата.
65 години постоење. Станува збор за импресивна бројка, кога говориме за Фестивал, а се одбележува со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која ќе настапи со пијано придружба на Анархит Тер-Татшатјан.

Познат факт е дека Фестивалот е формиран на 4 август, далечната 1961 година со рецитал на тогашната првенка на Македонската опера Ана Липша Тофовиќ. Лично познавајќи го фестивалот во целост низ годините, бидејќи извесен период бев музички селектор на истиот, знам дека никогаш не е прославен онака како што е формиран. И моја лична идеја беше да се вратиме на корените на Фестивалот затоа што пред се од естетски уметнички аспект сметам дека општеството и светот оди кон популаризација на уметноста и шундот преовладува во уметноста, а сметам дека институција како „Охридско лето“ е темел на квалитетот и претставува национално културно наследство. Оттука, идејата беше да се вратиме на корените и да го прославиме роденденот на „Охридско лето“ онака како што е формиран. Тогаш- Ана Липша Тофовиќ, денеска-Ана Дурловски како најреномиран македонски оперски пејач според моите гледишта. Таа е уметник кој настапувал на сите престижни светски сцени како Македонец, како национално богатство и сметам дека ова е адекватна прослава на јубилејот. Значи не одиме на популаризација на фестивалот, туку да покажеме дека фестивалот може да биде актуелен, да биде амбасадор на културата надвор, а сепак да ги задржи трајните културни вредности.
Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како и еден од најистакнатите културни настани во Европа кој го промовира духовниот и културен центар Охрид. Каква е Вашата визија за иднината на оваа институција? Планирате ли воведување на некои новини?
Еве годинава имаме една детска претстава, имаме две џез вечери- Националниот џез оркестар и познатиот Шон Кути на 10 август, имаме изложба оваа година и проекции на филмови во соработка со МФФ „Киненова“. Сметам дека треба да се збогати со повеќе џез, затоа што џезот по теорија на музиката веќе влегува во класична музика. За следната година имаме тенденција да го вратиме и балетот како сценска уметност која што е одлична. Во текот на годината и по завршувањето на фестивалот ќе одржуваме настани кои ќе го збогатат фестивалот и ќе му дадат живот не само 40 дена, туку цела година. Додека трае мојот мандат секогаш ќе се борам за вистинските вредности. Работиме на збогатување на програмата, на опфаќање на сите уметности, меѓутоа сметам дека срцето на фестивалот е Катедралната црква „Св. Софија“ и дека треба да остане како стожер на фестивалот.

Катедралната црква Света Софија, таа стара дама на Охридската Патрикана, се повеќе се покажува како незаменлив простор за камерно музицирање, станувајќи притоа се попривлечна за многу уметници и ансамбли од светот. Голем број од уметниците кои настануваат на „Охридско лето“ велат дека за нив е чест да бидат дел од програмата. И самиот сте оперски уметник, па кажете ни какво е чувството да се настапува во ваков простор?
Ние како Македонци можеби сме навикнати на тоа деа „Св. Софија“ е наша и не ја доживуваме како нешто спектакуларно, меѓутоа гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау Oркестар рекоа дека ова е една од подобрите акустики каде што настапувале. Италијанската вечер „Симфоника ди Болоња“ рекоа дека ова е боженствено место за настапување. Толку е инспиративна „Св. Софија“ за странците, можеби не од религиозен аспетк, туку од фактот дека е црква а дека има таква вонвременска акустика-такво акустичко решение не можете да направите и да сте дизајнер на акустика. Таа сама по себе има феноменална акустика. Катердалните цркви низ светот имаат преголемо ехо, а Света Софија има специфичка акустика како концертна сала. Просто нема уметник кој што настапил во текот на фестивалот, а не е воодушевен од акустуката што ја пружа црквата.

Античкиот театар, Долни Сарај, Света Софија, Плаошник, Домот на културата….се остварија театарски проекти за паметење -премиери или адаптации и одбрани репертоарски претстави по текстови на домашни драмски автори или пак светските класици. Какви се плановте за следното издание?
Пред нас постои голем предизвик. Ние како институција овогодинешното издание го спремавме со голем притисок на самите себе дека треба да го возобновиме фестивалот онаму каде што припаѓа. Мислам дека успеавме и на тоа сум особено горд. Со самото тоа веќе постои огромен предизвик како да го одржиме сето ова, затоа што оваа година имаме десеттина имиња кои се врвот на класичната музика во светот, имаме навистина квалитетни драмски претстави и се останато што нудиме оваа година. Како генерален директор мислам дека не треба да истражуваме нови правци затоа што во уметноста се е откриено, туку само треба да работиме активно да го одржиме ова ниво и да го подобриме. Не знам што би значело подобрување, меѓутоа, знаете живееме во систем на изместени вредности и постојат многу реномирани уметници во светот за кои македонската јавност не знае дека постојат. И сега како генерален директор мора да размислувате посебно за отворањето или затворањето на фестивалот да биде тоа на високо и квалитетно ниво, но и да биде познато за јавноста. Мене ми е драго што разговараме во пресрет на роденденот на фестивалот, а веќе концертот на Плетњов е распродаден, на Националниот џез оркестар е распродаден…и тоа значи дека така ќе продолжиме и се надевам дека и догодина ќе имаме исто така успешно издание како годинава, а и дека годинашново издание ќе продолжи да се реализира онака како што трае до сега.
Сте работеле и како селектор на музичката програма на Фестивалот, а сега уште повеќе ја гледата работата одвнатре во институцијата. Рековме станува збор за комплексен фестивал, па каков е Вашиот впечаток? Дали сте добро екипирани? Имате ли потреба од кадри? Потребна ли е поголема финансиска поддршка?
Тимот на „Охридско лето“ успешно ги реализира фестивалот секоја година и навистина сум благодарен за поддршката. Имаме одличен професионален однос, селекторите е мои пред се одлични пријатели и луѓе со кои имам прекрасна соработка. Секогаш треба нов кадар, затоа што секој нов човек може суптилно да ви отвори перцепција која што вие ја немате. Според мене умешноста на еден менаџер е не само да креира, туку и да знае да слуша. Во институцијата има 21 вработен и сметам дека можеби со уште еден-двајца во одредени сектори би биле комплетни како тим.
И Министерството за култура и Владата знаат за каков фестивал станува збор и свесни се за нивото и потребите на фестивалот, а тоа го покажаа и со самото присуство на отворањето-значи оддадоа почит на фестивалот. Минатата година добивме буџет најголем во можностите на буџетот за минатата година. Сигурен сум дека ако постои можност, а верувам ќе постои, идната година да добиеме погоем буџет, меѓутоа тука доаѓаат до израз и менаџерските способности на еден директор кој треба да се бори со дополнителни сретства, бидејќи ние сите овие големи имиња ги плаќаме со дел и од спонзорски сретства. За една институција секогаш е добро да биде во финансиски плус, така што за оваа година имаме сретства да релизираме и настани и по завршувањето на фестивалот. Сакаме „Охридско лето“ да остане престижна установа, бидејќи самиот сум сведок настапувајќи низ светот дека многу реномирани фестивали пропаѓаат, за жал, од многу причини и затоа мислам дека борбата допрва почнува. Прво мора да се врати квалитетот, потоа мора да се бориме за сретства и за одржување на нивото и трајните вредности, зошто оваа држава мора да им остави на идните генерции фестивал со кој ќе се гордеат. Нашата мисија е моментална, но трајна.
Во средината на 90-те години, „Охридско лето“ станува член на Европскиот сојуз на фестивалите со седиште во Женева- голема и многу значајна асоцијација која бара строги и високи критериуми. Каквов е статусот на Фестивалот во ова членство?

Кога отидов на состанок на ЕФА во Единбург бев само неколку месеци директор на фестивалот. Претходно ние одржавме прес конференција на која ја претставиваме програмата на почетокот на април и потоа заминав во Единбург со веќе готова програма. Од претседателот на Асоцијацијата и сите членови на комитетот бев пречекан како еден од поважните гости, што мене ми кажа дека „Охридско лето“, коешто е веќе 20 години член е високо респектиран фестивал во Европската асоцијација на фесивали. Ние сме таму третирани како едни од поважните и тоа ми зададе дополнителна одговорност за фестивалот тече онака како што тече и да бие организиран онака како што е организиран, затоа што Европската федерација го следи фестивалот и го промовира насекаде во светот. Тоа е асоцијација која има безброј членови и каде што членуваат најголемите европски фестивали, така што да се биде дел од нив е престиж и тоа благодарение на некои минати времиња и на некои минати директори кои успеале да станат членка на истата.
Разговараше: Невена Поповска