Skip to main content

Објавена книгата „Македонистичко послание“ од Кристина Николовска

„Македонистичко послание“ е насловот на новата книга од Кристина Николовска, универзитетска професорка, книжевна теоретичарка и критичарка и поетеса, која ја објави книгоиздавателството „Панили“.

-Книгата содржи студии, херменевтички толкувања, интерпретации, есеи и беседи за она што авторката го дефинира како македонистичката творечка мисија на современа македонска поезија, проза и есеистика (на втората половина на 20 и актуелниот 21 век). Во оваа книга, Николовска, всушност покажува интерес за т.н. „прекогнициска“ патриотска поезија, толкувајќи го феноменот преку интепретации на поетики на реномирани современи македонски писатели. Како што напоменува авторката, низ децениите од втората половина на 20 век и од актуелниот 21 век, прекогнициската родољубива современа македонска поезија, преку стих, претскажува, укажува и драматично ја објавува својата загриженост за стожерните обележја на македонството: македонскиот јазик, литература и култура, името на Македонија, националните и идентитетски обележја, итн., соопшти издавачот.

Според проф. д-р Веселина Лабровска, рецензентка на книгата, ова дело на Кристина Николовска е „’внатрешна историја’ на македонистичкиот творечки подвиг на мисијата на современата македонска поезија, проза и есестика“.

-Ненапишаната македонистичка историја на современата македонска поезија и на македонствувачката мисла, Николовска ја истражува и толкува во поетиките на писателите: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Михаил Ренџов, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников, Јордан Плевнеш, Кочо Топузовски и Раде Силјан. Македонствувачкиот подвиг на овие автори ја инспирира авторката Николовска кон длабински анализи и раскошни интерпретации. Преку херменевтичка интерпретација, Николовска ги толкува суштинските процеси на нашата македонствувачка поезија и мисла. Делото има извонредно значење бидејќи прави есеистичко „осветлување“ на нашиот македонствувачки творечки 20 и 21 век, истакнува Лабровска во рецензијата.

Книгата содржи и феноменолошки есеи и расправи на тема: јазик, поезија, идентиет, како и есеј на тема: жанрот беседа, кој ги објаснува процесите на потребата од постоење, развивање и афирмација на овој подзаборавен ораторски жанр.

-Книгата „Македонистичко послание“ ја афирмира македонската поезија, книжевност и есеистика, особено ги актуелизира македонскиот јазик и култура бидејќи покрева важни прашања за: индетитетот, македонскиот јазикот, и за феномените на творечкиот и поетскиот јазик…. …Критичкиот дискурс на Николовска е извонредно студиозен и аналитички. Николовска е врвен беседник, оратор кој восхитува со раскошна интерпретација и филозофски толкувања кои имаат висока авторска вредност. Студиите се засновани на студиозни и стабилни книжевно-теориски анализи и интерпретации, но важно е што дискурсот на обраќање е отворен, комуникативен и за пошироката публика, а не само за стручната публика, нагласува Лабровска во својата рецензија за новата книга на проф. Кристина Николовска.