Skip to main content

Објавена „Царски рез на небото“ од Даниела Андоновска-Трајковска во издание на „Матица македонска“

Неодамна излезе од печат најновата поетска книга на Даниела Андоновска-Трајковска со наслов „Царски рез на небото“ во издание на „Матица македонска“. „Царски рез на небото“ од Андоновска-Трајковска содржи повеќеслојна, егзистенцијалистичка, рефлексивна, магично-реалистична, медитативна и општествено ангажирана лирска поезија. Песните се доживуваат како философски слики во кои времето е забавено  за да се доживее мигот на постоењето. Андоновска-Трајковска како и во сите нејзини претходно објавени книги и овде експериментира со стилот создавајќи богати поетски слики со шокирачки метафори преку кои се персонифицираат апстрактни нешта. Лирското Јас често е флуидно, а мотивите произлегуваат од секојдневието актуализирајќи прашања околу животот и смртта, несреќите, војните, дехуманизацијата на општеството, но и прашања кои се однесуваат на смислата на постоењето.

Во оваа книга, небото е често спомнувана лексема и тоа како нешто кон кое се стреми човекот во својот развој упатувајќи ги своите мисли високо над нашите глави, небо кое нè опоменува кога ќе застраниме од животниот пат, небо што нè гледа одозгора со нашите очи за да се увери дека сè е во ред со нас, небо кое крвари и кое го убиваме со нечовечноста со векови, но и небо кое сепак на крај со феноменот на раѓањето на животот ни влева надеж дека сè е добро и дека ќе биде сè така како што треба, бидејќи ние сме и долу и горе и насекаде.

Книгата содржи 168 песни претставени како носечки песни, песни зарези и песни резови организирани во 8 поетски циклуси. Автор на сликата за корицата е уметникот Новица Трајковски.

Поврзани вести