
Археолошкиот локалитет „Бистерна“ во гевгелиското село Прдејци повторно се истражува од страна на тимови на Завод и музеј Струмица и Музејот од Гевгелија.
Истражувањата кои почнале неделава треба да ги дополнат информациите за оваа населба од римско време лоцирана на 500-тини метри северозападно од Прдејци, во близина на магистралниот пат Скопје – Гевгелија.

– Моментално истражуваме на трасата на гасоводот меѓу Македонија и Грција. Откривме 6 локалитети на оваа позиција, а прв на кој ќе работиме е Бистерна каде што имаме првични остатоци од населба. Се работи за римскиот период, а некои од локалитетите ни се од претходно познати, додека некои се сосема нови, вели м-р Зоран Рујак, од Националната установа Завод за заштита на спомениците и Музеј од Струмица.
Со претходни истражувања на Бистерна досега се откриени архитектонски остатоци, керамички садови, мозаични подови и други наоди. Исто така, во непосредна близина се наоѓа и локалитетот „Ветка Црква“, каде што се откриени градежни остатоци и архитектонска пластика од сакрален објект од римско време. Тука е пронајдено и мермерно торзо – претстава на облечена машка фигура во природна големина, што претставува фрагментирана скулптура од типот на Палијатус.
МИА

Македонски

