
На денешната прес конференција во Македонската академија на нуките и уметностите, в.д. директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Никола Кукунеш истакна дека на предлог од страна на Советот за доделување на наградата „Златен венец“ на СВП во состав: академик Катица Ќулавкова, академик Иван Џепаровски, универзитетски професор, Лидија Капушевска –Дракулевска, универзитетски професор, Бранко Цветкоски, поет, Славе Ѓорѓо Димоски, поет , Мите Стефоски, уметнички директор на НУМ СВП и Никола Кукунеш, в.д. директор на НУМ СВП, Управниот одбор на Националната установа Манифестација Струшки вечери на поезијата на состанокот одржан на февруари 2026 година во Струга едногласно донесе: одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да и се додели на Анеке Брасинга, поетеса од Кралството Холандија.
Кукунеш го претстави одбразложението на одлуката.
Советот на Струшките вечери на поезијата, врз основа на значењето на поетското дело на холандската поетеса Анеке Брасинга, нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и врз основа на високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус, донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да ѝ се додели на Анеке Брасинга за нејзиното севкупно поетско творештво.
Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик.
Во нејзиното творештво се преплетуваат мотивите на природата, љубовта, кревкоста на убавината и ранливоста на јазикот, како и длабоките егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето. Нејзината поезија често се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи поетски свет во кој се судираат духовното и материјалното, културата и природата, интимното искуство и универзалните теми на човечкото постоење.
Со својот оригинален поетски глас, со јазичната храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување.
Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брасинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија.
Со оваа одлука, доделувајќи и го „Златниот венец“ за 2026 година, Струшките вечери на поезијата ја изразуваат својата почит кон исклучителниот поетски опус на Анеке Брасинга и нејзиниот траен придонес во современата светска поезија.

Македонски


