Skip to main content

Нематеријалното културно наследство впишано во УНЕСКО во фокусот на летната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб

Македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц ,,Меѓународна смотра на фолклорот” во рамките на официјалната програма на 59. Издание на Фестивалот во сабота 19. јули, со трибина и концерти ќе го одбележи јубилејот 10. години од впишувањеto на “Гласоечкото пеење Долни Полог” на Ургентната листа на УНЕСКО.

Трибината ,,Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО” има за цел, промоција на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските релации на полето на афирмација на хрватските и македонските нематеријални добра запишани на листите на УНЕСКО. Македонскиот КИЦ во Загреб трибината ја реализира и во соработка со македонската Управа за заштита на културното наследство .

На трибината ќе земат учество хрватски и македонски експерти за заштита на културното наследство: воведно излагање ќе има м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб; потоа Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство; д-р Мирела Хроватин од Институт за антропологија- Загреб; м-р Ивона Опетческа Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003 за нематеријално културно наследство на УНЕСКО; како и проф. д-р Твртко Зебец, уметнички директор на „Меѓународната смотра на фолклорот“ и голем пријател и соработник на Македонија во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство. Во рамките на трибината ќе настапат и „Трио Гавровски“ од Тетово како едни од малкутемина носители на  „Гласоечкото пеење“.

Огромно е задоволството кога вложениот труд и енергија, преку културната дипломатија да се афирмира и промовира богатата вековна македонска култура, резултира со препознавање на македонските културни вредности и нивна презентација во рамките на високо реномирани хрватски манифестации кои се дел од хрватската културна сцена, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска. Со реализацијата на овој проект на македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со,,Меѓународната смотра на фолклорот”, а пред се’ со уметничкиот директор, г-нот Твртко Зебец, хрватските љубители на изворната музика, бројната македонска дијаспора и неколку стотините учесници на овој реномиран фестивал од сите континенти, ќе се запознаат со дел од македонското нематеријално културно наследство и македонската традиционална вокална и вокално -инструментална музика, а нашата цел е вмрежување и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска на полето на заштитата на културното наследство, додава Ѓоргоска Илиевска.

Покрај трибината, во знак на одбележување на јубилејот 10. години од впишувањето на “Гласоечкото пеење” во УНЕСКО, три генерации од семејството Гавровски, заедно со Дарко Коцев мултиталенриран инструменталист кој живее и работи во Германија ќе имаат екслузивни настапи на двете главни фестивалски сцени во Загреб, на плоштадот „Бан Јелачиќ“ и на култната сцена во Горен град на Грич (Градец) каде ќе бидат претставени две нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО Гласоечкото пеење и последното впишано добро Гајдата во интеракција едно со друго.

“Меѓународнаа смотра на фолклор“ се одржува од 1966 година. Истата е позната во македонската јавност како фестивал од највисок светски ранг за овој вид култура. Целта на овој фестивал кој денес обединува и современи толкувања и презентации на фолклорот во форма на изложби, работилници, фимски презентации промоции на книги, трибини и сл. е да афирмира традиционални културни вредности не само на домашни, хрватски, туку и на странски учесници. Неговата мисија  хрватското Министерството за култура и Градот Загреб ја препознаа во 2014 година, кога фестивалот е прогласен за фестивалски настан од највисоко национално значење. Тој е дел од глобалното движење за зачувување и заштита на традиционалното, особено нематеријалното културно наследство преку имплементација на Конвенцијата на УНЕСКО (2003).

Оваа година во рамките на фестивалската програма на 59. ,,Меѓународна смотра на фолклорот”, од Македонија ќе се престави и фолклорната група „Копачката“, од с. Драмче, Делчево, уште едно македонско нематеријално добро впишано во УНЕСКО.

Поврзани вести