Skip to main content
Во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април 2025 година, во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон

МНТ: Во знак на почит кон жртвите и нивните семејства „Сонцето, колку е блиску Сонцето! MADE IN MNT“ се одложува за наесен

фото: Фејсбук МНТ

Поради трагичниот настан што длабоко ја потресе целата нација и пошироко, се обраќаме со искрено сочувство до сите засегнати и солидарност кон тешко повредените, соопштија денеска од Македонскиот народен театар.

Во знак на почит кон жртвите, нивните семејства и деновите на националната жалост, ве информираме дека закажаниот спектакл „СОНЦЕТО, КОЛКУ Е БЛИСКУ СОНЦЕТО!, MADE IN MNT“, во режија на Дејан Пројковски, кој требаше да се одржи в четврток, на 3 април 2025 година, во 20:00 часот, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар, се одложува за наесен.  

Во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април 2025 година, во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10:00 и во 12:00 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“. Потоа од 18:00 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19:00 часот и  „Торонто експрес“ од 21:30 часот. Вратите за публиката ќе бидат отворени, односно билетите ќе бидат достапни гратис, а публиката ќе може да ги подигне на билетарницата на МНТ.  

За изведбите на детската претстава, билетите ќе се подигаат на 2 април од 12:00 до 20:00 часот, а за вечерните изведби, на 3 април од 12:00 часот. 

Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар Никола Кимовски патува во Атина, каде што, во чест на одбележувањето 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, насловена како „Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive.“, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри-членови од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој.

Во рамките на 80 години МНТ, на 5 април во 20:00 часот на малата сцена,  публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика. Мултисензорно искуство каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот, ќе раскажат сосема нова приказна, по вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни, и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.

Ви благодариме за разбирањето и поддршката во овие тешки моменти и упатуваме најдлабоко сочувство до сите што тагуваат.  



Поврзани вести