
Македонскиот народен театар (МНТ) доби 6,3 милиони денари оваа година за драмската дејност од Министерството за култура и туризам, соопшти денеска на прес-конфренција директорот Никола Кимовски. МНТ ќе има три премиери, а ќе режираат Владимир Милчин, Нела Витошевиќ, Срѓан Јанаќијевиќ.
Дејан Пројковски ќе ја режира мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“ со која националниот театар на 3 април ќе го одбележи 80-годишниот јубилеј. На тој ден МНТ ќе прослави 80 години од првата претстава и изговорена реплика во 1945-та – премиерата на „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров и во превод од Блаже Конески. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност.
На 23 април, ќе биде изведена премиера на претставата „Варвари“ во режија на Владимир Милчин, по текст на Максим Горки, кој првпат се поставува во Македонија. Ќе учествуваат 23 актери, повеќето студенти на Милчин на ФДУ.
Покрај „Варвари“, премиери во МНТ годинава ќе имаат „Три сестри“ според драмата на Чехов, по текст на Ана Ристоска-Трпеноска и режија на Нела Витошевиќ, и претставата за деца „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Автори на овој проект се Симон Трпчески и Билјана Црвенковска.
Покрај тековната репертоарска програма, на сцената на МНТ ќе бидат вратени и три претстави кои не се играа подолг период – „Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“.
Програмата на Летната сцена „Славиша Кајевски“, од 10 до 20 јуни, во јубилејната година ќе понуди концертни настани на македонски изведувачи.
До крајот на годината треба да излезе и Монографијата „80 години Македонски народен театар“.
Вкупниот буџет кој го одобри Министерството за култура и туризам за МНТ е 9.223.530 денари. Освен за драмска дејност 6.300.000 денари, другите средства се 1.100.000 денари за меѓународна соработка, за одржување на објектите и опремата 1.139.000 денари, за издавачка дејност 350.000 денари, а за европски интеграции 340.530 денари.