Skip to main content

Министерот Зоран Љутков на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој „Мондиакулт 2025“ во Барселона

Министерство за култура и туризам

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонска делегација на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој „Мондиакулт“, што од денеска до 1 октомври се одржува во Барселона, Кралство Шпанија.

Конференцијата за отворена ја прогласи претседателот на владата на Шпанија, Педро Санчез, кој пред присутните истакна дека културата не му припаѓа на еден народ или една држава и ја истакна културата како отворена форма на дијалог. Пред присутните се обратија и министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарез, претседателот на Владата на Каталонија, Салвадор Иља, министерот за култура Ернест Уртасун и помошникот на Генералниот директор на УНЕСКО за култура, Ернесто Отоне.

„Мондиакулт“ е конференција на која ќе се презентираат националните, регионалните и меѓународните достигнувања во делот на културата по усвојувањето на Декларацијата „Мондиакулт“ од 2022 година, со која се дефинираат културните права и се утврдува улогата на културата „како посебна, специфична цел“ во Агендата за одржлив развој по 2030 година.

фото: Министерство за култура и туризам

Програмата на конференцијата вклучува повеќе паралелни тематски сесии, меѓу кои: Културата и образованието, Културата и мирот, Културните права, Економија на културата, Културата и климатските активности, Културата, наследството и кризите, Културата и дигиталната трансформација и Културата и вештачката интелигенција.

Министерот Љутков на конференцијата ќе има свои обраќања на тематската сесија „Културни права и Економија на културата“ каде ќе ги претстави националните заложби за унапредување на културните права, поддршката на уметничкото творештво и развојот на културните и креативните индустрии.

На овој најголем светски собир на министри за култура, кој се организира под покровителство на УНЕСКО, учествуваат претставници на државите членки на УНЕСКО и придружните членки, државите кои не се членки, организациите на системот на Обединетите нации, меѓународните невладини организации, граѓанското општество, приватниот сектор и други носители на одлуки и влијателни личности од областа на културата, а домаќин е Владата на Шпанија.

Поврзани вести