Skip to main content

„Матица македонска“ ја објави книгата „Македонското прашање и Балканскиот сојуз“ од Александар Цанков

Матица македонска, корица

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Македонското прашање и Балканскиот сојуз“ од Александар Цанков, објавена во 1906 години во Софија, три години по капитално дело „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Ова студија на бугарскиот научник и академик е драгоцен документ за македонската реалност и за македонската историографија. На страниците од ова ретко дело, авторот студиозно пишува  за историските премрежиња на Македонците низ вековите, како и за завојувачките сили на Балканските народи.

Во поглавјето „Судбината на Македонија и Балканските државички“, Александар Цанков јасно потенцира,  дека „разрешувањето на  македонскиот проблем, лежи само во закрепнувањето на Македонија во една самостојна државна единица, заедно со другите балкански држави. Само самостојна и слободна Македонија е влогот за опстојба на Балканскиот Полуостров… Пред да се разреши македонскиот прашање, балканските народи, а најмногу ние Бугарите, не можеме да се надеваме на слободен и правилен развиток.“

Александар Цанков е познат бугарски општественик, државник и академик. Роден е  1879 во Орјахово. Завршил студии по право на Софискиот универзитет, а специјалистички студии по државни науки во Минхен, Вроцлав и Берлин. Бил претседател на Владата на Бугарија (1923-1926) и претседател на Дваесет и првото и Дваесет и второто Народно собрание (1926-1931). По Деветосептемврискиот преврат во 1944 година, емигрирал во Германија. При крајот на четириесеттите години заминал  во Аргентина, каде што починал во  27 јули  1959 година.

Поврзани вести