Skip to main content

„Матица македонска“ го објави хит-романот за тинејџери „Летото кога научив да летам“ во превод на македонски – најнаградуваниот роман за деца и млади на Балканот

„Матица македонска“ во превод на македонски јазик го објави хит-романот за тинејџери „Летото кога научив да летам“ од истакнатата срска писателка Јасминка Петровиќ. Станува збор за книга за деца и млади со најголем број престижни книги и млади на просторите на некогашна Југославија и воопшто на Балканот, огромен број позитивни оцени на стручната критика и на широката читателска публика. Дело што само во првите пет години по неговото објавување во 2015 година доживеа дури пет изданија и преводи на поголем број јазици со одлични реакции на читателите во сите земји каде што е објавен. Според романот, снимен е и истоимениот филм што премиерно беше прикажан во 2022 година, а има и неколку драмски поставки на театарска сцена, додека веќе е објавен и со и со Брајова азбука.

„Летото кога научив да летам“ е роман за созревањето, напишан во форма на дневник на тринаесетгодишното девојче Софија. Со карактеристична мешавина од хумор, живописни ликови и автентично прикажување на човечкото искуство, романот на Јасминка Петровиќ нуди поглед на последиците од војната и распадот на СФРЈ од перспектива на денешната генерација млади луѓе, но во исто време се занимава со универзални теми за растењето, пријателството и семејството, во кои секој млад читател може да се идентификува.

Станува збор за роман што се занимава со проблемите и потребите на современите тинејџери: дружењето со врсниците, чувството на припадност, забавата, љубовта, несигурноста, досадата… Исто така, се занимава и со односот меѓу старите и младите, како и со последиците што војната во 1990-тите во поранешна Југославија ги остави врз меѓучовечките односи и општеството во Србија и Хрватска: мешани бракови, блиски роднини на завојуваните страни, смртни случаи… Летот е метафора за желбата на главниот лик Софија за слобода и пронаоѓање на сопствениот идентитет, а средбите и искуствата за време на летниот одмор носат важни пораки за нејзиното созревање за љубовта, разбирањето, простувањето и надминувањето на болката.

Хуморот што произлегува од тинејџерското самосожалување на хероината и чувството дека ѝ е „досадно“ од две стари жени додека сите други се забавуваат подобро, претерувањето и поплаките за неправедноста на животот, ироничната, но и самоироничната перспектива се блиски до младите читатели, а одличното познавање на младинскиот сленг, како и вештото користењето на јазикот како извор на вербална комедија и комични ситуации, даваат свежина на делото и автентичност на хероината.Романот има и идеолошка позадина, ако се гледа во контекст на тематизацијата на војната во поранешна Југославија, а може да се смета и како пример за женски билдунгсроман.

Всушност, овој роман е делото со коешто темата на војната во СФРЈ и последиците од неа, за првпат на овој начин се присутни во книжевноста за деца и млади, а основниот тон на делото останува весел, додека психолошката гледна точка на главниот лик укажува на виталноста на младоста.

Како што оценува критиката, ова е роман што треба да го читаат и децата и возрасните. Преводот на македонски јазик е на Аполон Гилевски.

Поврзани вести